Во Националната галерија „Чифте амам“, во Скопје, вечерва во 20 часот се отвори изложбата „Религија, митологија или слободна мисла“ на македонскиот уметник Трајче Чатмов.

Како што посочи академик Катица Ќулавкова, тој е еден од водечките современи македонски сликари, а неговото сликарство е сродно на магичниот реализам во книжевноста.

На сликите на Чатмов контактот на боите е чиста магија. Начинот на којшто тој ги спојува боите на платното е најнепредвидливиот момент во сликарството на Чатмов.

Тој е мајстор на полихромноста, на комбинаториката на контрастите и нијансите. Тој го рекреира имагинарниот свет“, вели меѓудругото Ќулавкова.

Таа додава дека во најновото сликарство на Чатмов од 2025 би можеле да се издвојат два доминантни тематски циклуси: архетипски мотиви и митски слики, како и старозаветни и новозаветни библиски мотиви.













