Рели на скопската обиколница: „Сејф сити“ го регистрираше рекордерот – “летал“ со 231 километар на час

0

Податоците собрани во првите три дена од пробното функционирање на системот „Сејф сити“ ја потврдуваат оправданоста од неговото воведување, со јасна цел – зголемување на безбедноста во сообраќајот. Сепак, камерите од системот веќе го регистрираа рекордот во екстремно брзо возење.

МВР информираше дека во текот на вчерашниот ден, за само 12 часа се регистрирани 22 600 прекршоци, од кои речиси 95 отсто односно 21 400 се за пречекорување на брзината.

Началничката на Секторот за сообраќајни работи во МВР, Маја Арсовска Манов, и државниот советник, Владимир Велковски, во гостување на ТВ Телма открија дека системот забележал и „рекордер“ во брзо возење: возилото на 1 декември на скопската обиколница се движело со дури 231 километар на час.

Во првите 24 часа од тест-периодот, на 1 декември, системот регистрирал околу 110.000 прекршоци. Следниот ден, на 2 декември, бројката значително се намалила на 50.652 евидентирани прекршоци.

Од прекршоците регистрирани на 2 декември, најголем дел, односно 48.861 случаи, се однесувале на пречекорување на брзината. За поминување на црвено светло биле регистрирани 1.366 прекршоци, а 425 за нерегистрирани возила.

Најголема концентрација на брзо возење е забележана на излезот од Скопје кон Тетово, каде имало околу 4.300 прекршоци, како и на булевар „Никола Карев“, со евидентирани околу 3.000 случаи.

Соговорниците од МВР нагласија дека податоците добиени за само неколку дена од тестирањето ја потврдуваат потребата од целосно воведување на системот „Сејф сити“, со цел значително унапредување на безбедноста во сообраќајот.

ИЗДВОЕНИ