И покрај тоа што сè уште не е утврдена производствената цена на винското грозје, почнаа пресметките околу откупната цена. Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, објави дека оваа година биле постигнати „рекордни“ откупни цени: 21,3 денари за килограм вранец и 18,9 денари за смедеревка. Реалноста на терен е многу поразлична, лозарите, како и досега, и годинава немаат гаранција дека ќе се постигнат тие цени и дека ќе биде исплатен нивниот труд правично и навремено. Како и секоја година, и оваа година тие стравуваат дека винарниците ќе манипулираат со шеќерните единици за да им ги намалат цените.
Инаку, производствената цена за килограм винско грозје за двете најзастапени сорти, вранец и смедеревка, се пресметува согласно со Законот за вино и со методологија за пресметка на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет. Производствената цена на грозјето е основа за формирање на откупната цена на грозјето.
Од Националната федерација на фармери, чија цена е најрелевантна и кои секоја година први ги објавуваат цените за вранецот и за смедеревката, сè уште не ја направиле пресметката. Од НФФ изјавија за весникот ВЕЧЕР дека не може да направат пресметка, бидејќи сè уште не се знае производствената цена на двете најзастапени вински сорти. Ако се споредат овие суми со производствените трошоци, односно производствената цена што ја одредува Земјоделскиот институт, тогаш ќе се знае дали гарантира оваа цена економска добивка за лозарите.
Инаку, откако министерот за земјоделство, Трипуновски, ги објави цените за двете вински сорти и рече дека годинава тие се рекордни, дел од лозарите излегоа со став дека рекордните цени не значат и фер исплата. Години наназад, тие се соочуваат со доцнење во исплатата, неизвесност и со недостиг на транспарентност во откупот. Голем дел од лозарите не знаат дали и кога ќе ги добијат ветените пари, а уште помалку веруваат дека некој ќе им го покрие вистинскиот трошок за производство.
И од Националната земјоделска мрежа бараат да се утврди производствената цена и да се гарантира добивка од 25 отсто за лозарите, како што е според Законот за вино.
– Апелираме прво да се утврди производствената цена на грозјето, која е основа за формирање на откупните цени. Не може прво да се објавуваат откупните цени без да се знае производствената цена. Со оглед на тоа што грозјето во нашата држава не е стратешки производ, бараме да ни се овозможи неограничен извоз на винските сорти надвор од државата за да се постигне реална вредност на производот и за лозарите да имаа економска добивка. Инаку, минатата година, цените во околните држави се движеа од едно до две евра за килограм винско грозје – изјави претседателот на Националната земјоделска мрежа, Ѓорѓи Каракашев.
Инаку, во Законот за вино постои можност доколку откупувачите веднаш го исплатат целото грозје, тогаш откупната цена може да се намали за 8 отсто. Доколку, пак, исплатата се врши на рати, првата рата мора да биде исплатена за 30 дена, втората до 1 јануари, а третата до 1 април, односно до почетокот на винската година.
Од винарниците апелираат да се извезува повеќе вино во шишиња, а не винско грозје и налевно вино, бидејќи има поголема додадена вредност и носи поголем приход за државата.
Статистичките податоци покажуваат дека годишно извезуваме меѓу 66 и 68,5 милиони литри вино, од кои се остварува различен износ на девизен приход, главно поради цената што се постигнува при извозот. Лани бил остварен девизен приход од 57,7 милиони евра. Според податоците, производството на грозје и на вино во последните години стагнира во однос на количините.
(А.С.)