Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) за 9 месеци од годинава наплатило над 931.000.000 денари (15 милиони евра) надоместоци за експлоатација на минерални суровини, само во третиот квартал наплатата достигна рекордни 384.166.062 денари (6,2 милиони евра).
– Наплатата во третиот квартал е историски успех во управувањето со природните ресурси и претставува зголемување за два и пол пати во однос на истиот период во 2024 година кога беа наплатени 147.703.963 денари (2,4 милиони евра) – велат од МЕРМС.
Од Министерството очекуваат оваа бројка да расте со оглед на фактот дека се испратени опомени до концесионерите што се уште не ја регулирале обврската да го сторат тоа во рокот, во спротивно ризикуваат со раскин на договори за оние кои не ги почитуваат законите.
Владата на предлог на МЕРМС има донесено вкупно 46 одлуки за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина, а дел од нив се поради неплаќање на концесискиот надоместок согласно утврдениот Тарифник.
– Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите преку засилени инспекциски теренски контроли. Испратени се и предупредувања до концесионерите за навремено подмирување на обврските, со едностран раскин на договори за оние кои не ги почитуваат законите. Исто така, со новиот тарифник од 1 јануари 2025 година се зголеми висината на надоместоците до 100%, обезбедувајќи правична вредност за користење на природните ресурси. Овие измени не се однесуваат на енергетските минерални суровини, како јагленот, со цел да се заштитат граѓаните од дополнителен притисок врз цените на електричната енергија – велат од МЕРМС.
Оттаму потенцираат дека зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
– Овие средства се инвестираат во поголеми буџети за општините, инвестиции во комунална инфраструктура, проекти за енергетска транзиција и одржлив развој, како и во проекти за заштита на животната средина. Овие резултати се доказ за нашата определба да ги зајакнеме економските придобивки од експлоатацијата на минералните суровини, истовремено обезбедувајќи одржлив развој и поддршка за локалните заедници – сметаат од МЕРМС.




![[Интервју] Пројковски: Театарот треба да го каже она за што другите молчат](https://www.vecer.press/wp-content/uploads/2025/11/prr-450x300.jpg)







