Повеќе од 14 000 натпреварувачи се пријавени за 21. издание на „Визер скопски маратон 2025“ што ќе се одржи в недела. На „Визер скопски маратон 2025“ ќе учествуваат натпреварувачи од 58 држави, кои ќе трчаат во четири дисциплини маратон (42 километри), полумаратон на 21 километар, штафетна трка и трка на пет километри.
Почетокот на „Визер скопски маратон“ е во 8 часот на семафорите пред Црвениот Крст, а тркачите ќе стартуваат во насока кон Кисела Вода. Финишот за сите трки е на плоштадот „Македонија“, во близина на Порта „Македонија“.
Најголеми фаворити за победа на главната трка се маратонците од Кенија и најдобриот македонски маратонец Дарио Ивановски.
Директорот на Виз Ер Скопски маратон, Кире Синадиновски изјави дека 21. издание е посебно поради рекордниот интерес и фактот што манифестацијата прераснува во еден од најголемите спортски настани во регионот.
„Оваа година се пријавени повеќе од 14.000 учесници од рекордни 58 држави, што е апсолутен рекорд, а особено радува фактот што на трката на 5 километри, со над 10.000 учесници, третпат по ред доминираат жени. Тоа е јасен показател за големиот интерес кај дамите за рекреативното трчање. Од друга страна, кај маратонската и полумаратонската трка и натаму доминираат мажи. Во маратонската трка ќе учествува и нашиот најдобар атлетичар Дарио Ивановски, кој ќе биде еден од фаворитите заедно со Кенијците и атлетичарите од Балканот. Со голема гордост можеме да кажеме дека Скопје во неделан ќе пулсира во ритамот на спортот и заедништвото, со илјадници тркачи и уште повеќе навивачи низ улиците на градот,” изјави Синадиновски.
Министерот за спорт, Борко Ристовски, истакна дека Владата и институциите секогаш ќе застанат зад вакви манифестации кои ја промовираат Македонија во најдобро светло.
„Мило ми е што оваа традиционална манифестација се сфати од државата многу посериозно, не само преку финансиската поддршка и покровителството, туку и со целата потребна огранизациска поддршка. Јас секогаш сум за тоа да се поддржуваат вакви манифестации, кои што промовираат спорт и што е поважно од самите спортски резултати, се промовираат вистински вредности, кои што треба да се втемелени во генот на нашите дечиња. Виз Ер Скопски маратон е пример како спортот може да обедини и да испрати позитивна порака за нашата земја. Овој настан е гордост за сите граѓани и е симбол на здрав дух, енергија и спортски вредности. Владата и Министерството за спорт ќе продолжат да даваат силна поддршка на вакви манифестации, бидејќи тие ја промовираат Македонија во најдобро светло, го поттикнуваат туризмот, ја зголемуваат меѓународната видливост на државата, а воедно инспирираат илјадници млади луѓе да се занимаваат со спорт и да градат здрави навики” истакна Ристовски.
Во рамките на ова издание ќе се одржи и Балканско и Национално првенство во маратон, што дополнително ги зголемува важноста и престижот на настанот. Долж целата патека ќе има 26 музички точки кои ќе создадат уникатна атмосфера за тркачите и навивачите, а на секои 850 метри ќе бидат поставени освежителни станици со вода, електролити, овошје, маслинки, шеќер и други потребни продукти за тркачите.