Припадници на српската полиција, UKP, SBPOK запленија 4,8 тони кокаин во водите на Мартиник, Франција во текот на месец јули во меѓународна акција, во соработка со полициските и воените агенции на САД и Велика Британија – DEA, Заедничката меѓуагенциска работна група Југ (JIATF-S), како и Националната агенција за криминал-UK (NCA).
Со запирање и претрес на бродот „GALEXYR“, пронајдени се 4.841 килограми кокаин, распореден во 153 бали. На бродот се пронајдени 11 лица, претежно државјани на Хрватска и Црна Гора, како и В. Ѓ. (1984) државјанин на Република Србија, кој е приведен и се наоѓа во притвор.
Бродот „GALEXYR“ е реморкер специјализиран за транспорт на цемент, долг 76 метри, а неговото претресување траело неколку дена.
Операцијата за запирање на бродот беше координирана од агенцијата „MAOC-N“ (Центар за поморска анализа и операции – наркотици) и француската морнарица, додека во самата истрага соработувале српски тим, како и хрватската полиција и Европол.
Како што пишуваат српските медиуми, В.Д. е член на „Балканскиот картел“ и вистински сопственик на компанијата „VTS-Maritime Counsalting DOO“ која се занимава со вработување поморски работници за прекуокеански бродови, додека самиот е поморец со лиценци за управување со разни бродови.
Акцијата е успешно спроведена со одлична меѓуагенциска, регионална и меѓународна координација и соработка во борбата против организираниот криминал.
Полициските службеници на SBPOK со партнерските служби продолжуваат со континуираната борба против сите видови организиран криминал, како на територијата на Балканот, во Европа и низ целиот свет.
Постои сомневање дека овој запленет кокаин е поврзан со неодамнешното тројно убиство во Боливија на членови на „Балканскиот картел“, државјани на Србија, Македонија и Хрватска.
Како што известија светските медиуми минатата недела, струмичанецот Дејанчо и двајца Срби, беа пронајдени мртви во Боливија, а нивните тела беа спакувани во црни кеси. Монструозните убиства им се препишуваат на припадници на нарко картелот во Јужна Америка. Според неофицијалните информации од истрагата предводена од јавниот обвинител Алберто Зебалос сите тројца пред да бидат убиени биле ѕверски мачени. Телата се испратени на обдукција со цел да се утврдат точните причини за смртта, по што ќе се направи и официјалната идентификација. Сепак, медиумите уште кога беа пронајдени мртви во средата, јавија дека убиениот Македонец е Дејанчо Л, српските државјани биле од Ниш, првиот е Миљан Ќ кој бил познат под прекарот Хитри, а вториот наводно бил предводник на меѓународна организирана криминална група која транспортирала големи количини кокаин од Јужна Америка во Западна Европа.
Монструозно убиство во Боливија – телата на Македонец и двајца Срби пронајдени во црни кеси