Реконструкцијата на Универзалната сала ќе започне на крајот на септември, кажа министерот за култура и туризам Зоран Љутков на денешниот брифинг со новинарите.
-Пред околу две недели поднесов информација на седница на Влада дека сме ги завршиле сите процеси кои сме ги имале претходно околу Универзалната сала и до крајот на оваа недела ќе биде распишана јавна набавка (тендер) по што ќе се започне со нејзина изградба. Во динамиката која ја имаме определено во делот на буџетот – нејзината реконструкција треба да заврши до 2027 година, рече министерот Љутков.
Истакна дека за оваа намена се одвоени околу 20 милиони евра распределени во три години.
Додаде дека тендерската постапка ќе трае некаде околу 60-тина дена.
-Што значи дека од распишување на тендерот (1 август) до крајот на септември ќе можеме да ги отвориме понудите и да почнеме со процесот на реконструкција, додаде Љутков.