Реконструкција на Влада засега нема, но се размислува за кадровски смени

56

Премиерот Христијан Мицкоски, кој подолг период најавува дека по партискиот конгрес, за кој беше најавено дека ќе се одржи во Кавадарци, на почетокот од декември, ќе има реконструкција во Владата, на прашања од новинарите изјави дека прво ќе се случат промени во партијата и додека трае сето тоа, ќе се размислува и за одредени кадровски поместувања во извршната власт.

– Нормално, формирање на партиската структура, извршениот комитет, општинските комитети, другите структури, кои се во рамките на партијата. И во меѓувреме, додека трае сето тоа, ќе размислуваме за одредени кадровски поместувања во рамките на Владата. Јас сум подготвен со секого да разговарам. Апсолутно, тука нема никаква дилема во рамките на коалицијата. Но, се разбира, мандатар сум јас. Така што нормално е што последниот збор, како мандатар на Владата, ќе го имам јас – изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека не се прави реконструкција на Владата само за да се реконструира туку и дека треба да се размисли за новото кадровско решение да биде подобро од претходното.

– Тоа е еден процес на сериозна анализа. Јас сум подготвен да седнам и да разговарам со сите чинители на Владата, да ги слушнам нивните идеи. Но, повторно ќе кажам, мандатар на Владата сум јас – рече премиерот.

Во меѓувреме, во јавноста веќе се зборува дека во конкуренција за нов министер за екологија е Недим Рама, кој беше шеф на кабинетот на Меџити, додека меѓу главните кандидати што може да ги опфати владината реконструкција наводно се и министрите за образование и за правда, Весна Јаневска и Игор Филков.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изјави дека ќе ја почитува секоја одлука на премиерот Христијан Мицкоски доколку ја смени од функцијата. Рече дека премиерот го носи најголемиот товар за промените во државава и има право да одлучува за министрите.

– Оттука, целосно негово право е, заедно со органите на партијата, да одлучува кого ќе предложи како влада или кого ќе предложи како министер пред Парламентот. Секоја негова одлука апсолутно ќе ја почитувам – рече Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања пред отворање настан посветен на науката.

Мицкоски вели дека коалицијата што ја предводи е стабилна, а испразнетите ресори со кои раководеше вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, ќе бидат пополнети, за што последниот збор ќе го даде тој, како мандатар. Во однос на информациите дека по заминувањето на Меџити, како градоначалник на Општина Чаир, коалицискиот партнер Вреди го предложил Беким Сали за прв вицепремиер и оти за министер за животна средина и просторно планирање ќе биде назначен друг, Мицкоски рече дека тоа е одлука на коалицискиот партнер и дека не значи дека ќе има место повеќе во владиниот кабинет.

– Добро, тоа не значи дека ќе има ресор повеќе. Тоа си е одлука на нашиот коалициски партнер. Јас имам високо мислење за Беким Сали. Апсолутно, тука не треба да имаме никаква дилема. Но, тоа не значи дека ќе има место повеќе во владиниот кабинет – рече Мицкоски.

На прашањето дали имало интерес од структури од Националната алијанса за интеграции да влезат во Владата, премиерот рече дека до овој момент не разговарал со никого на тема поврзана со Владата и оти она што следува е организација за како понатаму.

Мицкоски повтори да не им се верува на шпекулациите за смена на одредени министри и очекува наскоро да добие имиња за испразнетите кадровски места.

– Да видиме дали тие имиња апсолутно се во рамките на оние што очекувам да бидат. И тие имиња да ги пополнат испразнетите места во Владата и институциите. Ова ќе биде процес што ќе трае, нема да биде од денес за утре. Ќе повторам, реконструкцијата како реконструкција нема да значи ништо ако реконструираме некој и донесеме потоа, како што беше практика во минатото. Секој што треба да замени, треба да понуди подобра програма, подобри перформанси за да имаме подобра испорака. Ако ставиме име што нема да има подобра програма, нема подобри перформанси и подобра испорака, бадијала сме направиле реконструкција, не е суштината на реконструкцијата – изјави Мицкоски.

 

 

ИЗДВОЕНИ