Реконструкција на улица „2“ во Долно Лисиче и проширување на мостот на Маркова Река

11

Општина Аеродром во наредниот период започнува со целосна реконструкција на водоводната мрежа на „улица 2“, во Долно Лисиче, а исто така се започнува и реализација на проектот за проширување на мостот на Маркова Река што ги поврзува Долно и Горно Лисиче.

Тендерските постапки и за двата проекта се во финална фаза и се очекува наскоро, по нивното комплетирање да се почне со реализација на терен.

-Водоводната мрежа на „улица 2“, во Долно Лисиче, првпат од нејзината изградба добива целосна реконструкција, при што старите и дотраени цевки ќе бидат заменети со нови и пошироки инсталации во должина од околу 1.300 метри. Со ова конечно се става крај на повеќедеценискиот проблем со водоснабдувањето што го имаат жителите во овој дел од Аеродром – соопштија од Општината.

Наредниот период Општина Аеродром започнува и со реконструкција и проширување на мостот на Маркова Река, меѓу Горно и Долно Лисиче.

-Мостот се наоѓа на многу фреквентна сообраќајница и токму заради зајакнување на безбедноста во сообраќајот се врши реконструкција со проширување на овој мост, со што би се добило побрз проток на возилата, но она што е уште позначајно е дека ќе се зголеми и самата носивост на објектот – објаснуваат од локалната самоуправа.

Реконструкцијата на водоводната мрежа и на мостот се два капитални инфраструктурни проекта од витално значење, особено за жителите на Долно и на Горно Лисиче, и се финансиски поддржани од Владата на Република Македонија.

Вкупната вредност на реконструкцијата на водоводната мрежа изнесува 15.457.871 денар, додека вкупната вредност на проширувањето на мостот е во висина од 12.066.494 денари.

-Општина Аеродром интензивно работи на подобрување и зајакнување на инфраструктурата на ниво на целата територија, со што аеродромци ќе добијат уште поквалитетни услови за живот и за безбедно и непречено извршување на секојдневните обврски – потенцираат од локалната самоуправа.

ИЗДВОЕНИ