Се реконструираат сервисни улици на булевар „Јане Сандански“

56

Општина Аеродром започна со реализација на проектот за реконструкција на дел од сервисните улици на булеварот „Јане Сандански“.

Увид во почетокот на градежните активности денеска извршија в. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески и министерот за локална самоуправа, Златко Перински.

Од Општина Аеродром информираа дека станува збор за реконструкција на сервисните улици на потегот од зградата со број 40 до зградата со број 76, што се паралелни со булеварот „Јане Сандански“ и со дел од булеварот „Васко Карангелески“, поточно во близина на детската градинка „Бамби“, локација која е инаку многу фреквентна во секој период од годината.

Реконструкцијата на сервисните улици опфаќа вадење и вградување на нов асфалт на улиците, паркинзите и тротоарите, на површина од преку 15.000 квадратни метри или во должина од околу 1.000 метри, со рок на изградба од 5 месеци.

– Ова претставува значаен инфраструктурен проект финансиран со средства од Владата во вредност од околу 27 милиони денари, со што жителите од овој дел на Аеродром ќе добијат убави и современо уредени сервисни улици, тротоари и паркинг-места – посочуваат од локалната самоуправа.

 

ИЗДВОЕНИ