Во тек е реконструкција и проширување на основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“, кои треба да им овозможат учениците да следат настава во една смена. Проширувањето опфаќа површина од 130 квадратни метри на секој кат, односно вкупна површина од 390 квадратни метри.
– Ова училиште, кое има најголем капацитет за ученици, претставува значаен образовен центар за целата општина. Проектот е насочен кон унапредување на условите за учениците, што за мене, како градоначалник, е еден од нашите најважни приоритети. Сакам да напоменам дека е во тек и интензивна работа на проектот за проширување на училишната зграда, со чија реализација сите ученици ќе можат да следат настава исклучиво во прва смена. Со тоа значително ќе се унапреди квалитетот на наставниот процес, а на учениците ќе им се овозможи повеќе слободно време за одмор и воннаставни активности – истакна градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска.
Покрај внатрешното реновирање, во процес е и партерно уредување на дворот, со поставување бекатон плочки, за да се обезбеди побезбедна, поуредна и функционална околина за учениците.
– Верувам дека овие инвестиции, како и оние што ќе следуваат во сите основни училишта на територија на општина Кисела Вода, ќе помогнат во унапредување на квалитетот на образованието и развојот на нашите идни генерации – изјави Стаменкоска-Трајкоска по завршениот увид во градежните активности.












