Спомен-куќата на нашиот народен херој Благој Јанков-Мучето во Струмица е реконструирана, при што ѝ е вратена автентичноста. Според министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, објектот, кој веќе пет децении сведочи за делото на еден од синовите на македонската борба за слобода, добива нов живот.
– Извршивме целосна реконструкција и санација на Спомен-куќата на Благој Јанков-Мучето, враќајќи ѝ го нејзиниот автентичен изглед. Секој детаљ беше третиран со внимание: поставени се современи музејски витрини, збогатена е музејската поставка, сѐ во согласност со најновите стандарди за изложување и заштита на историски артефакти. Изградивме и помошен објект наменет за презентации, промоции и едукативни работилници. Целосно е уреден и просторот околу музејот, давајќи му не само нов лик туку и нов дух – достоен за делото што се чува овде – посочи Љутков при вчерашната посета на објектот.
Тој додаде дека токму преку овие места идните генерации ќе учат кои сме биле, што сме издржале и зошто вреди да се продолжи да се гради и да се брани оваа земја.
– Благој Јанков-Мучето не е само херој од историјата. Тој е симбол на борбата за слободна, прогресивна и демократска Македонија. Тој беше дел од генерација што не ја чекаше слободата, туку се бореше за неа, со визија и со револуционерна енергија. Не смееме да дозволиме неговото дело да остане само дел од минатото. Тоа треба да биде жив пример за тоа како изгледа вистинскиот патриотизам, како изгледа љубовта кон народот и земјата. Нека нè потсетува тоа дека слободата не се добива, туку се заслужува – истакна, меѓу другото, Љутков, кој додаде дека
Спомен-куќата на Мучето таму, во Струмица треба да биде простор за помнење, учење и инспирација за сите сегашни и идни генерации.
Инаку, вредноста на проектот за реконструкција е 2,5 милиони денари, а целосно е уреден и просторот околу музејот. (Д.Т.)