Реконструиран покривот на градинката „Пеперутка 1“ во Драчево

18

Значително се подобрува безбедноста и квалитетот на престојот во објектот на клонот „Пеперутка 1“ во Драчево кој е во рамките на градинката „8 Март“.

Од Општина Кисела Вода информираат дека целосно е реконструиран покривот на градинката, при што е отстранет азбестниот материјал, кој е прописно и безбедно депониран согласно сите важечки законски и безбедносни стандарди. Дополнително, се менуваат и олуците, а ќе биде поставен и громобран.

Во објектот, во моментов се згрижени вкупно 100 деца, распределени во четири воспитни групи: две групи деца на возраст од 2 до 3 години и две групи деца на возраст од 4 до 5 години.

-Позитивниот ран детски развој е темелот врз кој се гради иднината на секое дете, а наша обврска како локална самоуправа е да обезбедиме безбедни, здрави и современи услови и за најмладите, но и за вработените кои секојдневно се грижат за нив. Овој објект и во минатото бил предмет на реконструктивни зафати, а ние ќе продолжиме континуирано да инвестираме во негово унапредување. Подобрувањето на условите во градинките е траен процес и останува висок приоритет во нашата работа. Посебно ме радува добрата соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади и со заменик-министерот Ѓоко Велковски, која очекувам да продолжи и во наредниот период, со заедничка цел, подобра грижа за децата и нивна посигурна иднина – изјави градоначалничката на Општина Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска.

 

ИЗДВОЕНИ