Реконструиран патниот правец Мушов Гроб – Конопиште, се обновува и Градскиот базен

23

Заврши реализацијата на проектот за реконструкција на регионалниот патен правец Мушов Гроб – Конопиште, во должина од 6,5 километри, соопшти градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев.

По цели 30 години, ова претставува прва сериозна реконструкција на овој патен правец.

Јанчев наведе дека целосната реконструкција на патот е реализирана во соработка со „Македонија пат“ и со одобрени средства од Јавното претпријатие за државни патишта, во висина од 60 милиони денари.

–Новиот асфалт следува по претходните активности, изведени во соработка со општествено одговорните компании кои со својата механизација ги извршија проширувањето на банкините, чистењето на канавки и изградбата на атмосферски одводи – истакна Јанчев.

Освен тоа тој информираше и дека е во тек реализација на проектот кој опфаќа комплетна санација на Градскиот базен.

Притоа, проектот предвидува, нивото на базенот да се намали со комплетно нови плочки, нов пумпен систем за вода и филтри.

–На дел од големиот базен ќе се постават и топогани, а другиот дел ќе си остане рекреативен. Во малиот детски базен ќе се постават детски реквизити за водните лудории за децата, а во партерот ќе има и детско игралиште на гумена подлога  – наведе Јанчев.

Воедно, тој додаде дека комплетно ќе бидат реновирани тоалетите, соблекувалните, тушевите, партерот околу целиот базен, собата за лекар, влезните партии, ќе бидат поставени нови покриви на постојните шанкови, лежалки и сè што, како што вели Јанчев, е дополнително потребно, за да функционира к Градскиот базен како забавен воден парк, и за младите и за постарите.

 

ИЗДВОЕНИ