Целосно е реконструиран дотраениот објект во задниот двор на ООУ „Добре Јованоски“ во Прилеп, кој сега претставува современ и функционален простор наменет за потребите на училиштето.
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, информираше дека се извршени темелни градежни зафати, поставена е нова дограма, нова фасада, адаптирани се просториите за хаусмајсторот, магацинот за учебници, а направен е и нов кабинет по ликовно образование со паметна табла.
Инвестицијата вредна 2.500.000 денари е целосно финансирана од буџетот на Општина Прилеп.
Во помошното училиште „Лазо Филипоски Лавски“ исто така е извршена реконструкција и адаптација на просториите, а една од нив е пренаменета во мала фискултурна сала со татами подлога, каде што учениците по повеќе од 30 години добиваат соодветен простор за часови по физичко воспитание. Вредноста на оваа инвестиција е 744.000 денари.
– Продолжуваме со реализација на вакви проекти, затоа што грижата за образованието и за најмладите останува еден од нашите највисоки приоритети – заклучи Проданоски.












