По обилните врнежи на територијата на Република Северна Македонија, состојбата во најголем дел од државата е стабилизирана, а водостојот на реките е во опаѓање.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека состојбата во Битола е нормализирана и дека екипите на ЈП „Нискоградба“ работат на санација на оштетените патишта.
– Во Општина Демир Хисар, водата е повлечена во речните корита, но останати се заезерени земјоделски површини во неколку села. Локалниот пат кон селото Мренога е затворен поради оштетен мост, за кој ќе следува стручна процена и санација. Во Крушево и во Ресен, состојбата е стабилна, без опасност од излевање на реките – велат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека во Охрид нема поплавени објекти и дека е намален водостојот, со повремени мали одрони, кои се расчистуваат. Во Струга, пак, биле евидентирани поплавени дворови и земјоделски површини во селата Мислешево и Калишта, при што водата постепено се повлекувала. Во Дебар и во Центар Жупа имало појава на одрони, кои се чистат.
И во Кичево состојбата е стабилна, водостојот на реките се намалува, но се расчистуваат последиците од поплавите со ангажман на комуналните служби, АРМ и на локалното население.
– Евакуираните лица сè уште се згрижени во спортската сала „Христо Узунов“ – додаваат од ЦУК.
Во Вардарскиот Регион, поточно во ридско-планинските подрачја на Општина Кавадарци, се интервенирало поради снежна покривка, при што сите патни правци се проодни.
Во Североисточниот Регион, нема излевање на реките, сите главни и локални патишта се проодни и редовно се чистат.
– На регионалниот пат П’клиште – Герман се работи на дополнително расчистување во зимски услови – наведуваат од ЦУК.
Сите патни правци во Тетово и во Гостивар се проодни, а снабдувањето со електрична енергија е редовно и нема нарушувања.
Нема пријава за штети во Југоисточниот и во Источниот Регион, а нема ниту излевање на реки или непроодни патишта.
– На одредени патни правци има појава на ситни одрони, кои континуирано се расчистуваат, а сообраќајот се одвива без поголем застој – известуваат од ЦУК.
Од Управата за хидрометеоролшки работи известија дека до крајот на седмицата ќе се задржи стабилно и суво време. Од среда, по котлините ќе има услови за појава на магла, а температурата ќе биде во благ пораст.












