Во издание на „Или-или“ деновиве излезе од печат реизданието на дебитантската проза „Писма“ од Игор Исаковски. Првото издание книгата го доживеа во 1991 година (издавач: Книжевна младина на Македонија).
Како што посочуваат од издавачката куќа, по собраната поезија на едно место (десетте стихозбирки) во луксузното издание насловено „Совршен поет“, кое „Или-Или“ го промовираше минатата есен, „Писма“ е одлично надоврзување на тој издавачки потег бидејќи се претставува Исаковски во неговата суштинска форма, на почетокот од пишувачката авантура, кога и го најави својот несомнен талент.
-Книгата три ипол децении трпеливо чека читање и препрочитување, како и превреднување на нештата, бидејќи добрата литература го прави токму тоа, таа не старее и никогаш не губи од својата релевантност и вредност, вели уредникот Игор Анѓелков во поговорот од книгата.
Дополнува дека на реизданието на „Писма“ можеме да гледаме како на потсетник дека книжевната сцена кај нас одвреме-навреме знае(ла) да изнедри авторски глас кој на автентичен начин го обликува(л) современието, а Исаковски тоа го правеше во текот на целиот свој креативен живот.
-Оваа драгоцена книга е потсетник на еден град кој живееше 24/7, на едни луѓе кои ги знаеја сите негови светли и темни сокаци, и на еден автор кој сето тоа го обликуваше во книжевен бисер што живее за вјек и веков, заклучува тој.












