Кај делумно скинатата тетива по имобилизација задолжително се препорачува физикална терапија и рехабилитација, кај комплетно скината по операција, се имобилизира тетивата 5 недели, а потоа следи рехабилитација. Целта на рехабилитацијата е да се поврати должината на тетивата, да се совлада контрактурата на скочниот зглоб и да се врати силата на мускулатурата која е изгубена при имобилизација. И на крајот да се врати функцијата на стапалото, вели физиотерапевтот и специјалист по здравствен фитнес Илија Жежов

Ахиловата тетива е една од најголемите и најсилни тетиви кај човекот. Се наоѓа меѓу спојот на мускулот на потколеницата со коската на петицата и има голема улога во процесот на трчање. Од повреда на оваа тетива најчесто страдаат рекреативците и спортисти кои имаат интензивни и напорни тренинзи. Повредата на Ахиловата тетива е релативно честа бидејќи е доста оптоварена, особено кај луѓе кои подолго време се во патики, во копачки и спортска опрема и менуваат тврда и мека подлога.

Најчести повреди на Ахиловата тетива се акутни каде може да дојде до кинење и хронични повреди. Болката кај акутните повреди е силна, додека при кинење на тетивата болката е моментална и многу јака и пациентите ја опишуваат како звук од кинење на сајла. Болката предизвикана од воспаление на тетивата е постепена и со текот на времето интензитетот се зголемува, и се јавува црвенило и оток.

Воспалителните повреди настануваат како резултат на хронична иритација од долготрајно оптоварување, како кај спортистите така и кај рекреативците. Токму поради долготрајната спортска активност настанува воспаление на обвивката која се третира прво со мирување, па со физикална терапија и на крај со апликација на инјекции кои се аплицираат околу тетивата.

Воспалението се третира со методот ПРП, ладни облоги и гелови, локална апликација на кортикостероиди и локален анестетик. ПРП или плазма богата со тромбоцити е еден од најсовремените методи на лекување на оваа состојба. Со овој метод се зема крв од пациентот, потоа се одделува плазмата збогатена со тромбоцити и се вбризгува на повреденото место. На овој начин се намалува воспалението и болката.

Кинењето на тетивата е најтешкиот облик на повреда и се третира сосема поинаку од воспалена тетива. Најчесто се лекува хируршки или со носење лонгета. Доколку е настанато целосно кинење на тетивата, времето за рехабилитација трае подолго. Прво ногата хируршки се лекува или, пак, се имобилизира околу 6 недели. Додека кај воспаленијата во зависност од големината на воспалителниот процес, заздравувањето трае од неколку недели до неколку месеци. Сепак, оваа повреда кај спортистите е многу тешка за превенција бидејќи тренингот им е дел од работата.

Рехабилитација и физикална терапија

Ако е дијагностицирано воспаление на Ахиловата тетива се препорачува конзервативен третман, додека, пак, кај делумно скината се препорачува имобилизација во траење од 3-4 недели, а потоа рехабилитација. Ако е комплетно скината не постои друга опција освен хируршки третман. Кај делумно скинатата тетива по имобилизација задолжително се препорачува физикална терапија и рехабилитација, кај комплетно скината по операција, се имобилизира тетивата 5 недели, а потоа следи рехабилитација.

Целта на рехабилитацијата е да се поврати должината на тетивата, да се совлада контрактурата на скочниот зглоб и да се врати силата на мускулатурата која е изгубена при имобилизација. И на крајот да се врати функцијата на стапалото. Рехабилитацијата трае околу 15 третмани. Најчесто препорачуваме лимфодренажа, криотерапија, ласер терапија, ултразвучна терапија, електротерапија, активно потпомогнати вежби на справи и активни вежби со физиотерапевт.

(Авторот е специјалист по здравствен фитнес, Ординација за физиотерапија ФИЗИОТЕРАПЕВТ-ЗДРАВЈЕ ГОСТИВАР)

ИЗДВОЕНИ