Сајбер безбедноста се наметнува како еден од клучните приоритети во македонската енергетика, а Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) најавува засилени мерки, продолжување на дигитализацијата и воведување паметни броила. Со нови правила и обврски, енергетските компании веќе започнаа со зајакнување на заштитата на критичната инфраструктура од сајбер напади.
Задолжително тестирање на критичната инфраструктура, воведување сет меѓународни безбедносни стандарди, изработка на посебни буџети со приоритет за инвестиции во сајбер безбедност, како и назначување офицер за сајбер безбедност се дел од мерките што, по налог на РКЕ, ги имплементираат клучните енергетски компании. Целта е зголемување на отпорноста на енергетскиот систем, заштита на мрежите и обезбедување континуирано и сигурно снабдување со електрична енергија за граѓаните и стопанството.
– Анализите покажаа дека до 2024 година ниедна енергетска компанија немаше имплементирано меѓународен стандард за сајбер безбедност. Постоеле одредени локални политики и процедури, но тие не беа доволни за системска и континуирана заштита. Во моментов, две компании веќе го имплементираа меѓународниот ИСО-стандард за управување со безбедноста на информациите, а уште три се во финална фаза – истакна Апостолчо Рамов, раководител на секторот за информатичка технологија и статистика во РКЕ, на Третата конференција за дигитализација во организација на Американската стопанска комора.
Според него, приватните компании побрзо ги спроведуваат овие процеси, бидејќи не се обврзани на долги тендерски постапки, како што е случајот со јавните претпријатија. Со законските измени во 2023 година, РКЕ стана пионер во регионот во воспоставување јасни правила за сајбер безбедност во енергетиката. Рамов најави дека регулаторната дигитализација ќе продолжи, а следниот значаен чекор е воведувањето паметни мерни системи – паметни броила.
– Законот е веќе во сила, а операторите на пренос и дистрибуција треба да изработат анализа за воведување паметни броила. Целта е секој граѓанин преку мобилен уред или онлајн платформа да може во реално време да ја следи сопствената потрошувачка. Дигитализацијата ќе ја зголеми довербата и ќе ги елиминира дилемите дали сметките се реални или претпоставени – нагласи Рамов.
РКЕ уште во 2023 година, во соработка со НАРУК и УСАИД, донесе правила за сајбер безбедност со кои првпат системски се уредија обврските на енергетските субјекти во однос на заштитата на мрежите, информациските и оперативните технологии. Во наредниот период, овие правила ќе се усогласуваат и со новиот Закон за безбедност на мрежните и информациските системи, што, според РКЕ, е клучен предуслов за стабилен, сигурен и модерен енергетски систем.












