Општина Виница започна со реализација на уште еден капитален проект, регулација на Кајанечки Дол во селото Истибања.
Од Општината информираат дека станува збор за изградба на отворен канал со вкупна должина од 870 метри и ширина од 5 метри и на два моста, со што ќе се овозможи превенција и ублажување на последиците од поплавите од природните катастрофи, заштита на населението од поплави и зачувување на природната околина.
Финансиските средства за овој капитален проект во вредност од 19,5 милиони денари се обезбедени од Министерството за животна средина и просторно планирање.
– Во моментот има десетици проекти што се во тек, на територијата на Општина Виница: изградба на улица во Црн Камен; реконструкција на улицата „Страшо Пинџур“; во завршна фаза е реконструкцијата на сите детски игралишта во Виница; уредување на кејот на Градечка Река; во завршна фаза е регулацијата на Градечка Река; тампонирање на пристапниот пат до земјоделските површини во Виничка Кршла; во завршна фаза е градскиот пазар, каде што моментално се работи на партерното уредување; поставување урбана опрема и ограда, поставување ЛЕД-светилки во Ромско Маало… – соопштија општинските власти.
Оттаму додаваат дека ќе се засили градежната офанзива, бидејќи биле склучени договорите и оти овие денови ќе ги воведат во работа изведувачите на проектите: изградба на улица во Јакимово; изградба на улица во Блатец; реконструкција на главната улица во Градец; довршување на локалниот пат Блатец – Детлово; реконструкција на водоводната и на канализациската мрежа на улицата „Ванчо Прке“, по што веднаш ќе следува нејзина реконструкција; реконструкција на улиците „Раде Кратовче“, „Кочо Рацин“, „Пролетерска“ и „Ѓорче Петров“; ново модерно и сензорно осветлување на Градскиот парк; реконструкција на покривот на административната зграда; реконструкција на покривот во ОУ „Никола Парапунов“ – Драгобраште.