Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во текот на јуни, пријавил епидемија на алиментарна токсоинфекција предизвикана од Salmonella enteritidis.
Центарот за јавно здравје Прилеп регистрирал 38 случаи на заболени лица што консумирале иста храна во една фабрика во градот. Тројца од заболените биле хоспитализирани. Од пет земени примероци за микробиолошко испитување, кај две лица била изолирана Salmonella enteritidis.
Во координација со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), ЦЈЗ Прилеп спровел санитарно-хигиенска контрола во кујната на набавувачот на храна и во трпезарискиот дел на фабриката. Притоа биле земени мостри од жива и од нежива средина за микробиолошка анализа.
ЦЈЗ Прилеп предложил соодветни санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки, меѓу кои редовно одржување на хигиената, правилна манипулација и складирање на храната. Објектот за приготвување храна бил затворен сè до добивањето негативни резултати од земените мостри.
Епидемијата била официјално одјавена на 11 јуни, по спроведувањето на сите неопходни епидемиолошки мерки.
Дополнително, во тој месец бил пријавен и еден случај на салмонелоза кај државјанин од Србија, кој привремено престојувал во земјава.