Регионот во шок откако Израел прва ја призна Сомалиленд: „Последиците од оваа одлука би можеле да бидат катастрофални“

502

Израел во петокот стана првата земја што формално ја призна самопрогласената Република Сомалиленд како независна и суверена држава, во одлука што би можела да ја преобликува регионалната динамика и да го тестира долгогодишното противење на Сомалија на отцепување, пренесе „Хина“.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе бара итна соработка со Сомалиленд во земјоделството, здравството, технологијата и економијата. Во соопштението, тој му честиташе на претседателот на Сомалиленд, Абдирахман Мохамед Абдулахи, го пофали неговото лидерство и го покани да го посети Израел.

Нетанјаху рече дека декларацијата е „во духот на Аврамските договори, потпишани на иницијатива на претседателот Трамп“.

Договорите од 2020 година беа посредувани од администрацијата на Трамп во неговиот прв мандат и вклучуваа формализирање на дипломатските односи на Израел со Обединетите Арапски Емирати и Бахреин. Подоцна, им се придружија и други земји.

Нетанјаху, министерот за надворешни работи Гидеон Саар и претседателот на Сомалиленд потпишаа заедничка декларација за меѓусебно признавање, според израелското соопштение.

Абдулахи во изјава рече дека Сомалиленд ќе се приклучи на Абрахамскиот договор, нарекувајќи го тоа чекор кон регионален и глобален мир. Тој рече дека Сомалиленд е посветен на градење партнерства, поттикнување на меѓусебниот просперитет и промовирање на стабилноста низ Блискиот Исток и Африка.

Но, сомалиската влада го осуди потегот на Израел како „нелегален чекор“ и „намерен напад“ врз нејзиниот суверенитет, отфрлајќи го признавањето на Сомалиленд, според соопштението од кабинетот на премиерот.

„Федералната влада ја потврдува својата решеност да ги преземе сите потребни дипломатски, политички и правни мерки, во согласност со меѓународното право, за да го одбрани својот суверенитет, единство и меѓународно признати граници“, се вели во соопштението.

Египет соопшти дека министерот за надворешни работи Бадр Абделати во петокот телефонски разговарал со своите колеги од Сомалија, Турција и Џибути за да разговараат за она што го опишаа како „опасни настани“ на Рогот на Африка по објавата на Израел.

Министрите го осудија признавањето на Сомалиленд од страна на Израел, ја потврдија својата целосна поддршка за единството и територијалниот интегритет на Сомалија и предупредија дека признавањето на сепаратистичките региони претставува закана за меѓународниот мир и безбедност, соопшти египетското Министерство за надворешни работи.

Африканската унија, исто така, го отфрли признавањето на Сомалиленд, потврдувајќи ја својата „непоколеблива посветеност“ на единството и територијалниот интегритет на Сомалија и предупредувајќи дека ваквите потези го загрозуваат мирот и стабилноста низ целиот континент, рече претседателот на Комисијата на Африканската унија.

Сомалиленд ужива де факто автономија, како и релативен мир и стабилност, од 1991 година, кога Сомалија западна во граѓанска војна, но сепаратистичкиот регион не е признат од ниедна друга земја.

Со текот на годините, Сомалија ги обедини меѓународните актери против секоја земја што ја признава Сомалиленд.

Поранешниот британски протекторат се надева дека признавањето од страна на Израел ќе ги охрабри другите нации да го следат примерот, зголемувајќи го неговото дипломатско влијание и пристап до меѓународните пазари.

Во март, Сомалија и Сомалиленд изјавија дека не добиле предлог од САД или Израел за преселување на Палестинците од Газа, додека Могадишу изјави дека категорично го отфрла таков потег.сокак.

ИЗДВОЕНИ