Реформите замрзнати – економскиот мотор на празен погон

Европската комисија предупредува дека економијата на Македонија е стабилна, но реформите се закочени. Фискалната дисциплина е намалена, јавниот долг расте, а владините мерки се доцни и половични. Ова го потврдуваат и економските експерти, кои сметаат дека на Македонија ѝ требаат длабоки структурни реформи, а тоа не се прави преку ноќ. Тие сметаат дека повеќе пари треба да се трошат за инвестиции и за развој, наместо за социјални трансфери, но потребно е време за да се смени економскиот модел. Од институтот „Фајненс тинк“ велат дека извештајот дава реална слика за отсуството на реформите во економијата и го продолжува нагласениот критички тон за однесувањето на фискалната политика и на јавните финансии. Гувернерот Трајко Славески за весникот ВЕЧЕР изјави дека деловите од извештајот што се однесуваат на Народната банка се генерално коректни, но посочи дека е потребно време да ги проанализира заклучоците. Академик Абдулменаф Беџети, пак за весникот ВЕЧЕР истакна дека се потребни длабоки структурни реформи и според него, буџетот е доста конзервативен, но е добро испланиран. Од Министерство за економија за весникот ВЕЧЕР велат дека Извештајот јасно покажува дека државата прави значителни исчекори, но исто така, укажува на области каде што остануваат предизвици и каде што треба уште да се работи. Од Финансии пак, на прашањето на весникот ВЕЧЕР рекоа дека немаат одговор

128

Не е постигнат напредок во клучните економски реформи, се троши повеќе за плати и пензии, а помалку за инвестиции и развој, се нотира во извештајот на Европската комисија за економскиот напредок на државата. Европската комисија предупредува, економијата на Македонија е стабилна, но реформите се закочени. Фискалната дисциплина е намалена, јавниот долг расте, а владините мерки се доцни и половични. Во извештајот стои дека фискалната консолидација е одложена, а владата не го спровела целосно новиот Закон за буџет. Буџетскиот дефицит е 4,4 отсто од БДП што е повисок од планираното, капиталните инвестиции се намалени, а тековните расходи растат. Се троши повеќе за плати и пензии, додека развојните проекти тапкаат во место, а трендот на раст на јавниот долг за е загрижувачки.

Владата, според извештајот, ја одложува примената на буџетското правило за дефицит и ја проширува јавната потрошувачка пред избори. Европската комисија предупредува, македонската економија ризикува да ја изгуби стабилноста ако не се врати контрола врз јавните финансии.

Весникот ВЕЧЕР го праша гувернерот Трајко Славески за став за економскиот дел од извештајот на ЕК дека е забележливо дека во сите сегменти е негативен, освен за инфлацијата, која првично се намали, а сега повторно почна да расте, а дека позитивно е што расте БДП, што се должи на јавната потрошувачка.

– Ние ги погледнавме деловите од извештајот што се однесуваат на мандатот на Народната банка и тие се генерално, да речам коректни, позитивни од аспект на поставеноста, водењето на монетарната политика итн. Мислам дека е потребно време да ги проанализираме заклучоците што вие ги спомнавте. Поради тоа, би се воздржал од коментар – истакна Славески.

Според економските аналитичари, пак, извештајот ја покажува реалната економска состојба во државата, која и оваа година остана непроменета. Сепак, според нив, и покрај тоа што очекувале да се нотираат слабостите на македонската економија, извештајот е понегативен отколку што очекувале. Но, сметаат дека на Македонија ѝ требаат длабоки структурни реформи, а тоа не се прави преку ноќ.

– Не очекував толку лоши оценки за постигнатото на економски план во изминатите 12 месеци. И покрај тоа што прогнозите и предвидувањата се точни, сепак, тоа не го намалува оптимизмот на Владата за економски раст. И покрај тоа што предвидувањата за економскиот раст се многу оптимистички, сепак тоа не се чувствува во реалноста. Оваа година, практично, е само продолжување на економските параметри од претходната година и ништо не е променето. И покрај тоа што власта создава перцепција дека имаме високи стапки на раст, граѓаните тоа не го чувствуваат, изјави за весникот ВЕЧЕР Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

Според него, главните забелешки остануваат, а тоа е борбата против корупција, ниско ниво на доверба на правосудниот систем, сива економија…

– Буџетот, главно, се троши за плати и за пензии. Треба да бидеме внимателни во овој сегмент бидејќи доколку овие давачки се над економскиот пораст, тогаш државата е во загуба. Од друга страна, ние никогаш не ги реализираме парите за капитални инвестиции и тие со ребалансот секогаш се пренасочуваат за тековни трошења, односно за плати и за пензии. И понатаму ќе продолжиме да се задолжуваме поради претходно земени кредити. Неплатените обврски кон странство ни доспеваат и ние мора повторно да се задолжиме за да ги подмириме тие обврски, појаснува Хајредини.

За економскиот експерт и академик Абдулменаф Беџети, во државата се потребни длабоки структурни реформи за да се промени нешто на економски план.

– Социјалната компонента во Буџетот е доминантна, но тоа не може да се смени брзо. Трансферите за Фондот за пензиско и за инвалидско осигурување мора да се прават системски секоја година. И во овој буџет, вкупните социјални давачки се многу високи и изнесуваат 206 милијарди денари за ПИОМ, социјални давачки и социјални надоместоци и не може да се очекува брза промена на овој модел. На Македонија ѝ се потребни длабоки структурни реформи да се промени начинот на распределба на буџетските приходи. Во моментов, две третини од приходите од буџетот одат за социјални трансфери, а само една третина за економска компонента, односно за стоки, услуги и плати доколку се поврзани со продуктивноста, изјави Беџети за весникот ВЕЧЕР.

Според него, буџетот е доста конзервативен, но е добро испланиран. Капиталните инвестиции се за 130 милиони денари помалку, што е добро бидејќи никогаш не се реализираат повеќе од 50 отсто.

–Подобро е капиталните инвестиции да се планираат на пониско ниво бидејќи во спротивност, кога не може да се реализираат, покажуваат слаб институционален капацитет. Во принцип, досега капиталните инвестиции никогаш не може да се реализираат над 50 отсто од базично планираните. Со ребалансот на буџетот понекогаш се реализираат и до 90 отсто, но обично секогаш делот од средствата за капитални инвестиции се релоцира за тековни трошења, вели Беџети.

Дел од економистите од кои весникот ВЕЧЕР побара мислење за извештајот на ЕК изјавија дека сè уште не го виделе извештајот и оти не може да коментираат додека не го анализираат.

Во извештајот се нотира дека извршувањето на планираните капитални расходи продолжува да страда од слабо справување со јавните инвестиции, а напорите за формализација на неформалната економија се заглавени. Европската комисија, исто така, нотира дека остануваат значителни инвестициски потреби во транспортната и енергетската инфраструктура.

– Проектите за подобрување на патната и на железничката инфраструктура и за дигитализација на јавните услуги напреднаа донекаде, но треба да се зајакнат за да имаат позитивно влијание врз конкурентноста на домашните компании, смета ЕК.

Министерство за економија – извештајот дава јасна слика дека сме на вистинскиот пат, но дека треба уште да работиме

Извештајот на Европската комисија за 2025 година јасно покажува дека државата прави значителни исчекори, но исто така, укажува на области каде што остануваат предизвици и каде што треба уште да се работи, изјавија за весникот ВЕЧЕР од Министерство за економија и труд.

– Можеме да бидеме задоволни од тоа што во рамките на надлежностите на Министерството за економија е постигната речиси целосна усогласеност на инфраструктурните стандарди за слободно движење на стоките — 99 отсто усогласеност според извештајот. Но, истовремено, останува доцнење со усвојувањето на Стратегијата и Акцискиот план, како и со законот за надзор на пазарот, а Министерството работи на зајакнување на капацитетите и дигитализација на процедурите, изјавија од Министерството за економија.

Извештајот од ЕК во делот на Поглавјата кои се во надлежност на Министерството, како и во сите други области напредокот е нерамномерен, при што неколку области покажуваат напредна усогласеност на законодавството, но истовремено и постојани институционални слабости и слабости во имплементацијата.

На пример, во Поглавјето 1 – Слободно движење на стоките оценката е дека правната и институционалната рамка на инфраструктурата за квалитет е во голема мерка воспоставена, а усогласеноста со европските стандарди достигнала 99 отсто. Точно е дека е констатирано доцнење во усвојувањето на Стратегијата и на Акцискиот план, како и во донесувањето на законот за надзор на пазарот, но извесно е дека истото ќе биде реализирано. Во Поглавје 3 – Право на основање и на услуги има позитивна оценка, констатирано е континуирано усогласување на законодавството со Директивата за услуги, а единствената точка за контакт ги прошири онлајн услугите. Но, има потреба од подобра функционалност и од информации за бизнисите, на што интензивно се работи. Во Поглавје 6 – трговски друштва, исто така е позитивно оценет фактот дека системите за регистрација на компаниите и поднесувањето документи се високодигитализирани и усогласени, но е потребна понатамошна хармонизација во прекуграничните операции, правата на акционерите и дигиталните алатки. Во Поглавје 19 – Социјална политика и вработување, констатиран е постигнат напредок со усвојувањето на измените на Законот за работни односи и Законот за работно ангажирање на лица на почетокот на 2025 година, со што се подобрува синдикалната застапеност и заштитата од мобинг на работното место. Исто така, шемата за гаранции за млади продолжи да дава позитивни резултати, поддржувајќи повеќе од 21.000 млади невработени лица и олеснувајќи илјадници можности за вработување, иако се потребни дополнителни напори за зајакнување на Агенцијата за вработување и на системите за следење. Во Поглавје 20 – Претпријатија и индустриска политика, постигнат е напредок во делот на Стратегиите за мали и средни претпријатија и индустриска политика, со укажување за подобрување во координацијата на политиките, дијалогот со бизнисите и транспарентноста во државната помош. Во Поглавје 28 – Заштита на потрошувачите и здравјето, усогласувањето во делот на безбедноста на производите е оценето како високо, со одредени празнини во делот на пакет-патувањата и механизмите за надомест на штета на потрошувачите.

Законот за заштита на потрошувачите и веб-платформата се изготвени и во првиот квартал од 2026 година ќе бидат усвоени. Севкупно, извештајот е позитивен и ни дава јасна слика дека сме на вистинскиот пат, но и укажува каде треба да вложиме дополнителни напори.

Министерството за економија останува целосно посветено на реализација на реформите, зајакнување на институциите и креирање мерки кои ќе резултираат со конкретна добивка за граѓаните и бизнисот.

„Фајненс тинк“: Извештајот дава реална слика за отсуството на реформите во економијата

Институтот за економски политики и развој „Фајненс тинк“ забележува дека извештајот го продолжува нагласениот критички тон за однесувањето на фискалната политика и јавните финансии.

– Економскиот дел на извештајот за напредокот на Северна Македонија дава реална слика за продолженото отсуство на напредок на повеќе критички реформски точки за македонската економија, оценува Институтот за економски политики и развој „Фајненс тинк“. Оттаму велат дека извештајот го продолжува нагласениот критички тон за однесувањето на фискалната политика на јавните финансии во претходната година (септември 2024 – септември 2025), и тоа на неколку пункта. Фискалната консолидација е бавна, особено во контекст на преземените обврски за големи гаранции за кредитите од комерцијалните банки и засиленото трошење по ребалансот на Буџетот од 2024 година, рефлектирано во платите на јавниот сектор и пензиите. Извештајот наведува: „Платите на јавниот сектор беа зголемени во текот на годината повеќе од оригинално буџетираните средства, а пензиите беа зголемени во септември 2024 и повторно во март 2025, на линеарен начин, наместо преку индексирање, стои меѓу другото во анализата на извештајот од страна на институтот „Фајненс тинк“.

Владата, според извештајот, не постигна напредок во клучните економски реформи. Фискалната консолидација беше одложена, а фискалната рамка останува слаба. Јавниот долг порасна на 62,4 отсто од БДП во 2024 година, од 49,2 отсто во 2019, додека притисоците од трошоци продолжуваат да растат. Политиките не се целосно усогласени со инфлаторните и со фискалните предизвици. Инфлацијата, пак, иако забави на 3,5 отсто во 2024, повторно се забрзува поради поскапувањето на храната. Дури и со привремените ограничувања на профитните маржи, ценовниот притисок не стивнува. Платите растат, но продуктивноста е речиси во место, што за Брисел го намалува надворешниот конкурентен капацитет. Но, во извештајот има и светли точки. Банкарскиот систем е стабилен, со минимални ненаплатливи кредити и со висока ликвидност.

Невработеноста е историски најниска, 12,5 отсто, но младите сè уште ја бараат шансата надвор од земјата. Иако извозот падна, трговијата со Европската Унија останува доминантна, преку 60% од вкупната размена. Во делот за реформи, Европската комисија констатира дека дигитализацијата напредува бавно, енергетската транзиција е во застој, а проектите на коридорите 8 и 10Д се одложени до 2029 година.

Извештајот ја препознава стабилноста, но и забавеното темпо на реформи. За Европската комисија, следниот чекор е јасен, повеќе реформи, подобра рамнотежа на јавните финансии и поефикасна примена на економските политики.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ