Едногласна поддршка од претставниците на партиите во матичната собраниска Комисија за локална самоуправа, вчера добија предложените измени во Законот за локална самоуправа. Тоа најавува дека процесот на усвојувањето на повеќе законски промени ќе оди брзо и без поголеми промени.
-Констатирам дека со осум гласа „за“ е прифатен предлогот за промените во Законот за локална самоуправа и треба да оди на следно читање – констатира вчера Драган Ковачки, претседател на оваа собраниско тело.
Претходно, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, објасни дека во предлозите има повеќе клучни измени.
-Целта е да се унапредат оние аспекти потребни за поефикасно управување во локалните самоуправи. Тоа се измени со кои ќе се овозможи отповикување на градоначалниците, а што е механизам за демократска контрола. Тука е и вклучување на граѓаните, поголема отчетност, намалување на прагот за граѓанските иницијативи, подобрување на хигиената, можноста да се именуваат градски архитекти. Сè со цел да се зајакне демократска култура – ги објасни Перински промените кои се прават во Законот кој е донесен уште во 2002 година.
Пратеник Даниел Стојчевски од Движењето ЗНАМ рече дека тие ќе ги поддржат предложените промени.
-Со нив ќе се зацврсти улогата на локалната самоуправа. Една од најголемите проблеми во неа е одржување на комунален ред. Со воведување на можноста градоначалниците да бидат разрешени, тие ќе мора да бидат многу транспарентни и веќе нема да има можност да има незаменливи градоначалници – рече тој.
Беким Ќоку, координатор на пратеничката група на Вреди, потенцира дека отповикувањето на градоначалниците ќе помогне да се спречи нивното самоволие. За пример тој го посочи случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од редовите на ДУИ.
-Тоа веќе има четири мандати, а има 11-12 кривични дела, го уништил урбанистичкиот систем во градот во кој околу 80 отсто од градбите се дивоградби без дозволи, а е на црната листа на САД. Тој играше мајтап со правдата и се чувствува како апсолутен монарх. Ваквите градоначалници немаат страв да се соочат со граѓаните. Сега граѓаните ќе можат да се соочат со нив – нагласи Ќоку.
Инаку, предложениот измени предвидуваат граѓаните преку референдум да можат да покренат прашање за доверба на градоначалникот.
-Прашање за доверба на градоначалникот може да се покрене еднаш во мандатот на градоначалникот, но не во првата година и во последната година од мандатот. Советот на општината е должен да распише референдум за прашање за доверба на градоначалникот на барање од најмалку 20 отсто од избирачите во општината – се наведува во предложеното решение.
Според бројот на запишаните избирачи, а кој, на пример, за Градот Скопје на ланските парламентарни избори изнесуваше 467.373 излегува дека за иницијаторите за распишувањето на таков референдум ќе треба да соберат 93.474 потписи. За референдум во скопската општина Аеродром ќе требаат потписи на најмалку 13.466 граѓани (67.336 запишани избирачи), во Кисела Вода 10.586 потписи (52.936 запишани гласачи), Центар 8.708 потписи, Гази Баба – 12.206… Довербата во битолскиот градоначалник ќе може да побараат 15.178 граѓани, на струмичкиот 9.950, охридскиот 10.372, тетовскиот 17.310, прилепскиот 12.454, кумановскиот – 18.490… Најмалку потписи ќе бидат потребни во општина Зрновце каде има 2.514 запишани гласачи, односно, ќе бидат потребни само 502 потписи на граѓани.
Меѓу предлозите за новини е и воведување на комунална редарска служба во согласност со закон, а којашто ќе се грижи за комуналниот ред. Новина е и тоа што сега Владата со одлука, на предлог на министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа, за секоја општина го утврдува бројот на членовите на советот, врз основа на официјалните податоци за бројот на населението по општини од последниот извршен попис на населението.
Се планира и јавност во објавувањето на одлуките на Општината. Во новопредложените законски решенија се предвидува и враќањето на функцијата градски архитект во општината, со седиште во град кого ќе именува градоначалникот. (Б.Ѓ.)