Продажбата на додатоци во исхраната со колаген бележи неверојатен раст во последните години, а експертите објаснуваат дали навистина вреди да се инвестира во него.
Социјалните медиуми се преплавени со видеа од инфлуенсери, а уште повеќе од жени инфлуенсери, кои го додаваат во своето утринско кафе, чај или смути секој ден. Колагенот се промовира како клуч за поцврста кожа, погуста коса и посилни нокти, но еве дали навистина делува.
Што е колаген?
Колагенот е најзастапениот протеин во човечкото тело. Консултантот за дерматологија д-р Анџали Махто објаснува за „Дејли меил“ дека најлесно е да се замисли како еден вид скеле кое обезбедува структура и цврстина на кожата, мускулите, коските и сврзното ткиво. Едноставно кажано, колагенот ѝ помага на кожата да изгледа пополно и поеластично, а косата да изгледа здрава и силна.
Говедскиот и морскиот колаген се најчесто достапни на пазарот. Говедскиот колаген се добива од говедска кожа, додека морскиот колаген, кој во моментов е попопуларен, се екстрахира од рибни лушпи и кожа.
Зошто губиме колаген?
Производството на колаген во телото почнува да опаѓа уште во дваесеттите години.
– Ова опаѓање е предизвикано од внатрешно стареење, или генетика, а дополнително е забрзано од надворешни фактори како што се изложеност на УВ зрачење, пушење и прекумерен внес на шеќер – објаснува д-р Махто.
Истражувањата покажуваат дека жените во првите пет години од менопаузата, поради пад на нивото на естроген, можат да изгубат до 30 проценти од колагенот. Последиците се видливи – полабава кожа, губење на еластичноста и поизразени брчки.
Како функционираат додатоците со колаген?
Производителите на додатоци во исхраната тврдат дека нивните производи можат да го компензираат овој губиток.
– Морскиот колаген е исклучително биодостапен, што значи дека телото лесно го апсорбира и користи – тврди Ана Лахеј, основач на брендот „Vida Glow“.
– Делува одвнатре кон надвор, на начин на кој локалната нега на кожата едноставно не може – додаде таа.
За неа, колагенот е исто така лична приказна.
– Во моите рани дваесетти години, доживеав ненадејно опаѓање на косата. Пробав сè, локални третмани, професионални терапии и лекови, но без трајни резултати. Дури кога го воведов морскиот колаген како дел од поширок, холистички пристап кон убавината, забележав промена. Моето опаѓање на косата се забави, кожата ми стана поцврста, а ноктите посилни – рече Ана.
Производителите тврдат дека целосните ефекти се гледаат по околу 12 недели редовна употреба.
Дали навистина вреди?
Мислењето на експертите за ефикасноста на додатоците на колаген останува поделено. Постојат студии кои покажуваат позитивни резултати. На пример, во 12-неделно испитување на морски колаген, 96 проценти од учесниците забележале намалување на фините линии и брчките, додека 71 процент пријавиле раст на нова коса. Сепак, треба да се напомене дека повеќето вакви студии се финансирани од самите производители.
Од друга страна, консултантот дерматолог д-р Анџела Тевари нуди поизбалансиран став.
„Додатоци на колаген се на пазарот повеќе од 30 години без регистрирани негативни здравствени ефекти. Постојат добри докази дека земањето пет грама морски колаген во прав дневно во текот на три месеци може да ја зголеми хидратацијата на кожата, да ја подобри текстурата на кожата и да ги намали фините линии“, објаснува таа.
Сепак, таа предупредува на вообичаената заблуда:
– Додатоците на колаген делуваат, но нема да делуваат исто за секого. Индивидуалните метаболизми можат значително да влијаат на нивната ефикасност.
Д-р Махто останува скептична:
– Фундаменталниот биолошки проблем е што колагенот е протеин. Кога го внесувате, желудочната киселина го разградува на поединечни аминокиселини, исто како и секој друг протеин. Телото потоа ги користи тие аминокиселини таму каде што се најпотребни, како во вашите мускули, и не мора нужно да ги „испраќа“ на вашето лице само затоа што на пакувањето пишува дека е за кожа.
Трихологот Клер Фулам, основач на клиниката за коса „Труа“, им советува на луѓето кои се борат со проретчена коса прво да се фокусираат на здравјето на скалпот и да направат крвни тестови за да се исклучат недостатоци во исхраната.
– Понекогаш е покорисно за вашата коса да го разберете здравјето на вашиот скалп отколку да посегнувате по додатоци. Колагенот веројатно нема да ви наштети и може да ја направи вашата кожа да изгледа пополна и посјајна, но тоа е прилично скапо хоби, додаде таа.












