Порастот на БДП во 2026 година е проектиран на 3,8 %, инфлацијата на 2,5 %. Вкупните приходи ќе изнесуваат 374,9 милијарди денари, расходите 414,2 милијарди денари, а буџетски дефицит 39,2 милијарди денари или 3,5 % од БДП. Проекцијата за капиталните расходи во 2026 година е на ниво од 40,1 милијарда денари. Ова е предвидено со дополнетиот предлог-буџет за 2026 година, што на пленарна седницата на Собранието го образложи министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
– Со него се продолжува со макроекономската стабилност, фискалната консолидација, се обезбедува економски пораст, како и средства за сервисирање на сите обврски, вклучително и исплаќање на еврообврзницата. Овој Буџет не е само документ со бројки и табели – тој е економска порака за стабилност, доверба и развој. Јасна потврда за одговорното управување со јавните финансии кое го воспоставивме и го продолжуваме со полн капацитет – истакна Димитриеска-Кочоска.
Проекциите за 2026 година, оцени министерката, укажуваат на континуитет на економската стабилност и пораст, заснован на одговорни фискални политики, инвестиции во инфраструктурата и човечкиот капитал, како и поттикнување на продуктивноста и на конкурентноста на домашната економија.
– Приватната потрошувачка е проектирана со пораст од 2,6 %, јавната потрошувачка ќе се одржи умерена, со пораст од 1,4 % во насока на фискална дисциплина. Инфлацијата ќе се стабилизира околу 2,5 %, се очекува пораст на вработеноста и зголемување на просечната нето-плата за 6,5 %. Ова ќе биде како резултат на отворање нови производствени капацитети, проширување на постојните, како и на активните мерки и програми за вработување што Владата ги спроведува – рече Димитриеска-Кочоска.
Во 2026 година, таа очекува економијата да забрза со реален пораст на БДП од 3,8 %, предводен од домашната побарувачка.
– Главен двигател ќе бидат бруто-инвестициите, како резултат на поинтензивната реализација на инфраструктурните проекти – особено коридорите 8 и 10д, како и вложувањата во енергетиката, железницата, земјоделството, образованието и здравството. Дополнителен двигател на бруто-инвестициите ќе биде и поддршката на општините за реализација на капитални инвестиции со цел порамномерен регионален развој и унапредување на животот на граѓаните – рече Димитриеска-Кочоска.
Вкупните даночни приходи на Буџетот за 2026 година се проектирани на 214,1 милијарди денари, а буџетските расходи се планирани на 414,2 милијарди денари. Во рамките на тековните расходи, исплатата на плати е проектирана на 52,6 милијарди денари. За пензии се обезбедени 116,8 милијарди денари. Проектираните капитални расходи во 2026 година на ниво 40,1 милијарда денари, се за инфраструктурни, енергетски и други капитални инвестиции на национално и локално ниво.
– За финансирање на буџетскиот дефицит и редовните отплати, предвидено е задолжување на домашен пазар од 35,6 милијарди денари, преку државни хартии од вредност и домашни заеми. Странското задолжување е планирано во износ од 85 милијарди денари, кое ќе се реализира преку издавање еврообврзница, други странски заеми и повлекување средства од кредитни линии за финансирање на проекти или дефицит. Нето-ефектот од странското задолжување изнесува 30 милијарди денари, а од домашното задолжување 15,6 милијарди денари – информира министерката за финансии.
Состојбата на државниот долг на крајот на септември 2025 година изнесува 8.498,1 милиони евра, односно 50,3 % од БДП, а на јавниот долг 9.730,1 милиони евра, односно 57,6 % од БДП.
(С. Бл.)












