Уметничкиот мултисензорен настан во организација на Друштвото на ликовни уметници (ДЛУМ), насловен „Скопски урбани приказни“, кој се одржа вчеравечер, во Скопје, во рамките на манифестацијата „Скопско лето“, предизвика голем интерес во јавноста. Минувачите имаа можност да ги проследат делата на 15-мина уметници на 14 локации во градот и интерактивно да учествуваат. Годинашен куратор на овој традиционален настан, поддржан и од Министерството за култура и туризам, е д-р Ана Франговска.
– Франговска селектираше 15-мина автори, членови на ДЛУМ и ја даде темата „Скопје сензорен град“. Ова е мултисензорен проект што траеше една вечер и каде што, преку уметноста, ликовната метафора и јазик, авторите ги третираа сензорните аспекти, мирис звук, меморија допир, емоција… Ова е комплексен дијалог меѓу светлината и звукот, материјата и телото, симболот и емоцијата. Уметниците, со сопствениот израз, направија еден перформанс со партиципативни аспекти, каде што и публиката беше дел од самиот концепт – посочи Јана Манева-Чупоска, претседателка на ДЛУМ.
Ова претставување се случи и благодарение на Уметничкиот совет на ДЛУМ, предводен од проф. Маја Рауник – Кирков, Министерството за култура и туризам, Универзалната сала, Националната опера и балет, Музејот на Град Скопје, Музејот на македонската борба, продуцентот Стефан Александар Јовановски и на уметникот Христијан Санев (креатива) и фотограф на проектот Елена Ставревска. Она што е особено интересно е тоа што публиката активно учествуваше во уметничките перформанси, што, според Манева, покажало дека му се потребни вакви настани на Скопје.
– Преку уметноста се даде еден различен фокус на градот и се виде дека граѓаните се желни за нешто поразлично од она што се случува во галериите, театрите, а го има во сите поголеми градови – додава Манева-Чупоска.
И токму делата предизвикаа и многу емоции кај минувачите кои се потсетија какво беше Скопје порано, а какво е сега.
Инаку, движењето низ центарот на Скопје и следењето на концептот беа овозможени со мапа, а со свои дела се претставија: Славица Јанешлиева, Гоце Наневски, Марија Сотировска, Дијана Томиќ-Радевска, Игор Сековски, Борис Шемов, Роберт Јанкуловски и Моника Мотеска, Ѓорѓе Јовановиќ, Гордана Вренцовска, Борче Богоевски, Татјана Ристовска, Ана Вчкова, Светлана Волиќ (Србија) и Лучезар Бојаџиев (Бугарија).
Фото: Елена Ставревска