Привремениот претседател на Сирија, Ахмад ал-Шарех, денес во Москва изјави дека сака да „ги редефинира односите меѓу Дамаск и Москва“, за време на неговата прва средба со рускиот претседател Владимир Путин по соборувањето на Башар ал-Асад во декември, чиј главен сојузник беше Русија.
„Се обидуваме да ја вратиме и редефинираме новата природа на овие односи за да може Сирија да ужива во својата независност, суверенитет, како и во својот територијален интегритет, својата безбедност и стабилност“, рече Ахмад ал-Шарех за време на телевизиската средба со Путин во Кремљ.
Сирискиот претседател, исто така, ги истакна „старите историски врски“ и „заедничките интереси“ на двете земји.
Тој го наведе фактот дека дел од снабдувањето со храна на Сиријците зависи од руското производство и дека многу сириски електрани зависат од руската експертиза.
Рускиот претседател Владимир Путин го пречека својот гостин во Кремљ, поздравувајќи ги „длабоките врски што ги обединуваат Русија и Сирија“ и изразувајќи надеж за проширување на тие врски.
Средбата ја нагласува желбата на Русија да воспостави функционални врски со новото сириско раководство и да обезбеди воена упориште во земјата, објавува АП.
„Во текот на сите овие децении, секогаш сме биле водени само од едно нешто: интересите на сирискиот народ. Навистина имаме многу длабоки врски со сирискиот народ“, рече Путин.
Асад беше руски сојузник, а интервенцијата на Русија за да го поддржи пред една деценија го смени текот на сириската војна, држејќи го Асад на власт до неговото ненадејно соборување во декември 2024 година.
Русија, која се фокусираше на борбите во Украина и одржува само мал воен контингент во Сирија, не направи никаков обид да се спротивстави на офанзивата на бунтовниците, но му даде азил на Асад кога тој избега од земјата.
Сириски владин претставник, кој не сакаше да биде именуван, за АФП изјави дека за време на неговата прва средба со Путин, сирискиот претседател ќе побара од Москва да го предаде соборениот лидер Башар ал-Асад, кој се наоѓа во руската престолнина.
За време на посетата, се очекува сирискиот претседател да разговара и за прашања поврзани со инвестициите, што ќе се случи со руските бази во Сирија и вооружувањето на сириската армија, соопшти истиот владин извор.
Поморската база во Тартус и воздухопловната база Хмејмим, кои се наоѓаат на медитеранскиот брег на Сирија, се единствените официјални руски воени пунктови надвор од поранешниот Советски Сојуз.
Москва ги користеше базите во голема мера за време на интервенцијата во сириската граѓанска војна во 2015 година, кога го поддржуваше Башар ал-Асад и ги бомбардираше областите под контрола на бунтовниците, пренесува АФП.
Иако беа на спротивставени страни за време на граѓанската војна, новите владетели во Дамаск имаат прагматичен пристап во своите односи со Москва.