Како гром од ведро небо одекна информацијата дека најдобриот играч во дресот на најтрофејниот македонски фудбалски клуб, Вардар, Роџерс Мато, потпишал договор со најпријатното изненадување во шкотската Премиер лига, тимот на Хартс.
Таквата информација доби уште повеќе на значење затоа што играчот, за кој првиот човек на „црвено-црните“, Миленко Неделковски, тврдеше дека е достапен за „само“ 1.5 милиони евра, ќе се пресели во Шкотска како слободен играч, односно за 0 евра.
Лидерот во шкотската лига пред извесно време испрати понуда до Вардар за откуп на договор на Мато, околу 350.000 евра, но експресно беше обидена. Неколку дена подоцна Хартс испрати нова, финансиски побогата понуда, но во меѓувреме „црвено-црните“ на официјалниот веб сајт објавија дека откупната клаузула е 1,5 милиони евра.
Понуда за Мато испрати и турски Трабзонспор, а последната информација беше дека на адресата на Вардар пристигнаа уште побогати понуди од кипарски Пафос, но и од клуб кој се натпреварува во американската МЛС лига и тоа додека Мато со неговата репрезентација Уганда учествуваше на Африканското првенство.
И додека челниците на Вардар ги триеа рацете Хартс го претстави Мато како најново засилување, но од јули 2026.
Извори, блики до клубот брифираат дека изминатите денови Вардар целосно го губи контактот со Мато кој наводно бил во Уганда на одмор по првенството кое беше во Мароко. Африканецот требаше да патува со клубот на подготовки во Анталија но двете авионски карти кои клубот му ги испратил на фудбалерот за лет до Анталија – пропаднаа.
Проблем плус за „црвено-црните“ е тоа што не се знае дали Мато воопшто сака да се врати во клубот чиј член е до јуни 2026 или пак тој сега се обидува да изврши притисок врз Вардар да му даде одврзани раце порано од предиведното да ја промени клупската средина.
Нема дилема дека челниците на Вардар ќе го суспендира Мато поради недисциплина и отсуство на комуникација, а доколку таа суспензија биде потврдена и од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ситуацијата ќе биде катастофална за сите иволвирани страни.
Есенскиот шампион ќе ги нема на располагање услугите на најдобриот фудбалер во пролетниот дел од сезоната, а Мато ќе нема право да го напушти клубот и нема да тренира со првиот тим на „црвено-црните“.
Во проблеми ќе биде и шкотскиот клуб кој во јуни ќе го доби толку посакуваното засилување, но репрезентативецот на Уганда нема да биде во натпреварувачка форма, односно без ниту еден меч и тренинг во нозете во последните шест месеци.
Неколку македонски портали шпекулираа дека Вардар претходно го продолжил договорот со Мато, но единствен активен договор на фудбалерот од Уганда е тој што завршува во јуни 2026 година.












