Макс Верстапен имаше одлична трка во Бразил, бидејќи започна од боксот, а трката ја заврши на третата позиција. Но, очигледно, ова им пречеше на луѓето од Мекларен, кои, неколку дена по трката, испратија остри стрели кон тимот на Ред бл.
Имено, Ред бул реши да вгради нов погонски склоп во болидот на Верстапен, на трката за Големата награда на Саун Пауло, а оваа одлука дојде по катастрофалната квалификациска сесија во која и Верстапен и Јуки Цунода ги завршија квалификациите уште во Q1.
Стратегијата на крајот се покажа како многу успешна. И покрај тоа што почна од боксот, Верстапен заврши трет. Уште поимпресивно, тој стигна до подиумот со дупната гума во првите кругови. Неговото возење беше брилијантно, но токму оваа комбинација од перформанси и од тимска одлука поттикна низа прашања.
Едно од најгласните дојде од Мекларен. Шефот на тимот, Андреа Стела, јавно ги кажа своите сомнежи во врска со потегот на Ред бул. Тој тврди дека логиката за промената на моторот е нејасна, особено кога се земат предвид ограничувањата на трошоците. Во едно интервју, тој објасни дека Мекларен не би направил сличен потег.
- Во однос на перформансите, не знам како функционира во Хонда, но, генерално, овие мотори не покажуваат големо деградирање со километражата – рече Стела.
Тој истакна дека модерните мотори имаат стабилни перформанси дури и при голема километража. Затоа, рече Стела, менувањето на моторот за перформанси нема смисла.
- Значи, генерално ,не би го смениле моторот и не би прифатиле казна или губење на позициите, бидејќи враќањето на перформансите обично не го надоместува губењето на позициите – порача Стела.
Тој, исто така, инсинуираше нешто многу поголемо. Тој директно ја поврза промената на моторот со потенцијалното пречекорување на буџетот.
- Би сакал да знам и да разберам дали цената на овој мотор сега е во рамките на ограничувањето на трошоците или не – праша Стела.
И тоа беше реченицата што одекна. Според него, ако е направена од причини поврзани со перформансите, тогаш промената треба да биде вклучена во ограничувањето на трошоците.











