Во камерната сала на Македонската филхармонија, на 19 мај, со почеток во 20 часот ќе настапи „Ченг дуо“, во кое свират Брајан Ченг, на виолончело и Силви Ченг, на пијано. На програмата се дела од Дебиси, Равел, Де Фаља, Цинцадзе и Шостакович.
Оваа сестринско-братска врска ги освојува слушателите со својата страсна експресивност и ретка способност да воспостави блиска врска со публиката. Критичарите ги опишуваат нивните настапи како „блескави“ (The Sunday Times, Велика Британија), „вистински возбудливи“ (The WholeNote, Канада) и „апсолутно зачудувачки… со огромно владеење на инструментите“ (Pizzicato Magazine, Луксембург). По нивното официјално деби како Cheng² Duo во Карнеги Хол (Weill Recital Hall) во 2011, нивната уметност остави траен впечаток ширум светот, со обемни турнеи низ Северна Америка, Европа, Азија и Јужна Африка. Брајан и Силви Ченг посветени се на традиционалните ремек-дела, повторното откривање на заборавени дела, како и на промоцијата на современата музика. Дуото има издадено четири албуми со одлични критики, од кои најновиот, Portrait (Centrediscs, 2023), е номиниран за JUNO награда во 2024 година, во категоријата „Класичен албум на годината – Мал ансамбл“. Родени се во Отава и Токио од кинески родители, а Брајан и Силви се горди Канаѓани кои моментално живеат во Берлин и во Њујорк.