Чембалистката Цветанка Созовска, на 4 декември, во 20 часот, ќе одржи соло рецитал во Камерната сала на Македонската филхармонија. На програмата се композиции од Јохан Себастијан Бах, Франсоа Купрен, Томислав Зографски, Волфганг А. Моцарт и Доменико Скарлати.
Созовска е една од најистакнатите чембалистки во Македонија, која веќе подолго време живее и твори во Холандија. Своето музичко образование по пијано го започнува на само седумгодишна возраст. Во 1996 дипломира во класата на рускиот пијанист и органист Борис Романов на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со највисоки оценки. Во текот на периодот 1985 – 1996 е избрана за Најдобар студент на Универзитетот. Понатамошната специјализација во областа на барокната музика ја води во Хаг, Холандија, каде што ги заокружува додипломските и постдипломските студии по чембало во класата на холандскиот чембалист и пијанист Жак Ох на Кралскиот Конзерваториум. Како солист и камерен музичар на пијано и чембало, Цветанка има одржано концерти низ цела Европа и Јужна Кореја…
Моментално живее и работи во Хаг, Холандија, како изведувач, професор по пијано и чембало и хорски диригент. Таа е корепетитор на Катедрата за рана музика на Конзерваториумот во Утрехт (2006 – 2016), предава чембало во музичкото училиште ДУМС во Утрехт, каде што е и координатор на програмата за млади таленти „Трајектум“. Повеќе од 20 години предава пијано во регионот на Хаг, има ученици од различни возрасти и нивоа, вклучително во Британското и Меѓународното училиште во Хаг. Како хорски диригент, работи со повеќе хорови со различни музички интереси и афинитети.












