Промоцијата се случи во новата мултимедијална читалница, која и официјално e отворена за јавност денеска, на 18 ноември, денот на раѓање на Крсте Петков Мисирков, една од најзначајните историски фигури, во годината кога се одбележуваат 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Како што истакнуваат од НУБ „Св. Климент Охридски“, се работи за дела кои оставиле длабока трага во развојот на македонскиот јазик и на културниот идентитет

 

„Речникот од три јазика“ на Ѓорѓија Пулевски, „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков, „Абецедарот“, „Букварот со читанка“ и „Македонската граматика“ од професорот Круме Кепески се петте клучни дела од вредната едиција на фототипни изданија кои вчера беа промовирани во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” во Скопје. Промоцијата се случи во новата Мултимедијална читалница, која официјално беше отворена за јавност на 18 ноември, денот на раѓањето на Крсте Петков Мисирков, една од најзначајните историски фигури за македонскиот јазик, во годината кога се одбележуваат 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.

Како што истакнуваат од НУБ „Св. Климент Охридски“ се работи за дела кои оставиле длабока трага во развојот на македонскиот јазик и културниот идентитет.

– Во годината кога македонскиот стандардизиран јазик бележи 80-годишен јубилеј – Националната универзитетска библиотека, чувар и промотор на пишаното културно наследство, ја претставува едицијата на фототипни изданија, едиција составена од пет публикации, историски вредни за македонскиот идентитет, јазик и култура. Најстарата од нив која денес слави јубилеј од 150 години од своето печатење и која многумина ја сметаат како еден од првите обиди за кодификација на македонскиот јазик е ремек-делото на нашиот мијак, Ѓорѓија Пулевски – „Речникот на три јазика“, напишан во далечната 1875 година. „За македонцките работи“ е дело на легендарниот македонски филолог, историчар, етнограф, публицист собирач и проучувач на македонското народно творештво, како и автор, основоположник и учесник во македонските научнолитературни, национални и политички друштва, Крсте Петков Мисирков, човекот роден токму на овој ден во 1874 година. Станува збор за публикација издадена во Софија во годината на Илинденското востание, во декември 1903. Публикација во која авторот јасно ја разоткрива асимилаторската политика на соседните земји, насочена против македонскиот народ и против македонскиот јазичен културен и етнички идентитет. „За македонцките работи“, пак, е публикација која се смета за продолжение на тријазичниот речник на Пулевски и нормирање на јазикот, како и основа за создавање на македонски литературен јазик. Годинава НУБ снима аудиокнига од ова дело, посочи меѓу другото директорот на НУБ, Јовица Никчевски, кој вчера ги претстави и останатите публикации, додавајќи дека со овие дела градиме мост меѓу нашето минато и нашата иднина.

Тој ја претстави и новата мултимедијална читална, простор од 400 квадратни метри на два ката и со повеќе од 70 кориснички места.

– Ова е простор создаден со цел да им овозможи на сите љубопитни умови современо, инспиративно и интерактивно место за учење, истражување и за креативност. Опремена е со современи компјутери, интерактивни работни станици, дигитални архиви, аудиовизуелна опрема и удобен простор за индивидуална и групна работа. Нашите корисници ќе имаат можност бесплатно да ги користат базите со електронски податоци, односно преку 250 илјади онлајн книги, како и огромен број научна и стручна содржина, а дел се опремени со софтвер за слепи и слабовидни лица, додаде Никчевски.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, пак, посочи дека отворањето на новата Мултимедијална читалница не е само технолошки напредок, туку чекор кон една современа библиотека која дише со времето, која се отвора кон новите генерации читатели, истражувачи, творци. Простор што им нуди на младите алатки за истражување, а на возрасните, спокојно место за дружба со книгата, место за мир и размисла. Промоцијата на изданијата од фототипната едиција „НУБ за македонскиот јазик“, пак, според Љутков е потсетник дека иднината може да се гради само врз здрави темели.

– Овие изданија се живи сведоци на развојот на нашиот јазик, почит кон неговите корени и обврска да го чуваме неговото достоинство. Во време кога зборот често се губи во брзината на секојдневието, овие дела нè повикуваат да се вратиме кон суштината: јазикот е дом на нашата колективна меморија, истакна Љутков.  Тој додаде дека секоја отворена врата на библиотека, секој зачуван документ, секоја нова читалница, секој поддржан проект за јазикот е наш чекор кон посигурно, посвесно и попрогресивно општество.

Програмскиот директор, Јовица Тасевски-Етернијан, пред присутните го претстави проектот за издавање на фототипни изданија на значајни публикации од фондот на НУБ „Св. Климент Охридски“, поврзани со македонскиот јазик, а од името на авторките на предговорите во публикациите се обрати и истовремено ги промовираше изданијата д-р Симона Груевска-Маџоска, претседателка на Советот за македонски јазик.

(Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ