СВР Штип поднесе кривични пријави против тројца поранешни претседатели и една вработена во Здружението на инвалиди на трудот , поради сомнение за продолжени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „измама при добивање кредит или друга погодност“. Кривично се гонат Ј.В. (83), В.Џ. (80) и Т.А. (68), сите од Штип, кои во различни периоди од септември 2012 до октомври 2024 година биле на чело на здружението, како и З.С. (44), поранешна секретарка.
Според полицијата, наместо дневниците што ги заработувала секретарката да ѝ бидат исплаќани на нејзина сметка, тие биле префрлувани на трансакциска сметка на нејзината мајка. Причината – за да не ѝ биде ускратено правото на социјален детски и образовен додаток. Со ваквата пракса, која траела со години, ѝ било овозможено на З.С. да стекне противправна имотна корист од 88.234 денари.
З.С., како што информираат од полицијата, со лажно прикажување факти го довела во заблуда и новиот претседател на здружението дека постои долг кон нејзината мајка. Во име на здружението склучила договор за отстапување на побарување со мајка ѝ, а по нејзината смрт – и со сопствената ќерка. Така, на хартија се создавале обврски кои реално не постоеле. Паралелно, првопријавениот и второпријавената, според пријавата, вршеле исплати за седници што воопшто не биле одржани, а одобрувале и еднократна финансиска помош на лица на кои не им следувала. Третопријавениот, пак, склучил договор за закуп на станбен простор додека сè уште траел огласот за изнајмување, без да бидат разгледани сите пристигнати понуди. Во повеќе наврати си префрлал пари од службената на својата приватна сметка, а исплатил и средства на правно лице за наводна угостителска услуга. Со ваквите дејствија, тројцата поранешни претседатели, според СВР Штип, го оштетиле буџетот на здружението за вкупно 297.730 денари.(П.А.)











