Речиси 30 проценти од должниците (граѓани или фирми) целосно ги отплатиле своите обврски во рок пократок од три години, откако ЕОС Матрикс го презел нивниот предмет од друга финансиска институција во земјава. Катерина Бошевска, главен извршен директор на ЕОС Матрикс за Северна Македонија и ЕОС Косово, на денешниот брифинг со новинарите истакна дека овој резултат покажува дека со професионално управување, персонализирани решенија и поддршка базирана на иновативни дигитални решенија, може да се постигне одржливо решавање на обврските и да се врати вредност во стопанството преку подобрување на ликвидноста на компаниите, развој на секундарниот финансиски пазар и зајакнување на економскиот потенцијал на земјата.

– Нашата стратегија се темели на комбинација од професионален пристап, технолошки иновации и транспарентна и лесно следлива комуникација. Ја зголемивме ефикасноста на процесите, воведувајќи иновативни дигитални алатки. Тоа ни овозможи да го прошириме фокусот и кон клиентите со зголемен ризик – со цел да понудиме реални и изводливи решенија, приспособени на нивната финансиска состојба – истакна Бошевска.

ЕОС Матрикс на корисниците им прави достапни партнерски решенија за поефикасно регулирање на обврските приспособени на висината на долгот, староста на побарувањето, правниот статус и останатите релевантни фактори кои влијаат на решавањето на нивната состојба на задолженост.

– Кај нас бизнисот во 90 проценти се финансира од кредитирањето, а ние сме тука да ги поддржиме банките во нивните заложби. Од короната наваму банките се клучни за заздравување на економијата – вели Бошевска.

Компанијата нуди иновативни решенија кои овозможуваат подобрување на финансиската солвентност на македонските граѓани и компании, ја зголемуваат нивната конкурентност и позитивно влијаат на развојот на националната економија. Бошевска нагласува дека корисниците ја имаат на располагање МѕЕОС – дигиталната платформа што овозможува онлајн увид во состојбата, персонализирани совети и флексибилни модели за отплата.

– Преку оваа напредна алатка корисниците добиваат брз пристап до финансиските податоци, како што се проверка на износот на задолжувањата, статусот на документите, следење на плаќањата и реализацијата на новите трансакции.

Со примена на ЕСГ-стандарди, пак, ЕОС Матрикс гради модел на одговорно работење што го препознава и социјалниот аспект на задолжувањата. Преку директна и фер комуникација, лични средби и можност за анонимно плаќање, корисниците добиваат поддршка за одржлив излез од финансиските тешкотии.

– Со нашето работење не само што придонесуваме кон наплата и управување на долгови туку директно влијаеме на конкурентноста на домашните компании, нивната способност за нови инвестиции и стабилно работење – рече Бошевска истакнувајќи дека со тоа се овозможува побрза циркулација на капиталот и отворање нови економски можности.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ