Ребаланс на буџетот во јуни, ќе го забрзаат изборите

12

Поради локалните избори, ребалансот на буџетот годинава ќе биде нешто порано, кон крајот на јуни место кон крајот на јули, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Причина е почитувањето на сите законски рокови и процедури, а потребата за ребаланс ја објасни со проектите што ги поднесоа општините, за финансирање проекти од вториот повик на Владата, како и со, како што кажа, поволните макроекономски показатели во однос на растот на БДП, индустриското производство, извозот, инвестициите и сл.

– Логично е да има прераспределба во месецот што следува, поради импликацијата врз буџетските средства, како резултат на проектите што ги поднесоа општините, за финансирање од овој втор повик. Сепак, станува збор за 15 милијарди денари основни буџетски средства и има и кофинансирање на тоа или вкупно околу 16 милијарди денари – изјави премиерот.

Според него, тоа е логично, бидејќи е неопходна ваква прераспределба за да може потоа општините да направат ребаланс во своите буџети и потоа да распишат тендер, да изберат изведувачи и да може да тргне реализацијата на проектите и од вториот повик.

– Едноставно, има законски процедури и чекори што мора да се исполнат – рече Мицкоски.

Тој додаде дека минатата година ребалансот на буџетот бил поднесен при крајот на јули, откако претходно, на крајот од јуни, односно на 23 јуни, беше формирана Владата, а околу 25 јули предлог-ребалансот на буџетот влезе во собраниска процедура.

– Оваа година, тоа ќе биде проблематично, поради тоа што ќе се распишат локалните избори и затоа, најверојатно, ќе биде крајот на јуни – рече Мицкоски.

Како ќе изгледа ребалансот, односно на што ќе се крати, а каде ќе се додава, сè уште не се знае. Премиерот објасни дека сè уште не е направена анализа, а кога ќе се направи, ќе се излезе со предлог пред пратениците.

Според Мицкоски, она што е важно е дека мерките на Владата дале резултати.

– Имаме дури и негативна инфлација, односно дефлација во два месеца по ред, имаме раст на индустриското производство, единствени во регионот и едни од ретките во Европа, во првиот квартал од оваа година, имаме позитивна бројка во делот на извозот во првото тромесечје од оваа година. Очекувам резултат што ќе ги натфрли проекциите од меѓународните институции во делот на растот на БДП – рече Мицкоски, додавајќи дека и лани истите институции велеле дека ќе има раст на БДП од 1,8 проценти, кој потоа бил натфрлен за 55 отсто, односно растот на БДП лани изнесувал 2,8 отсто.

 

 

ИЗДВОЕНИ