Одекна нова трансфербомба откако „Марка“ објави на својата насловна дека Нико Вилијамс е нов играч на Реал Мадрид. Младиот 22-годишен крилен напаѓач е роден во Памплона и има поминато низ младинските школи на Памплона, Осасуна и на Атлетик Билбао. Тој игра за сениорскиот тим на баскискиот клуб од 2021 година и досега има запишано 166 натпревари и 31 гол.
Барселона досега се споменуваше како негова следна дестинација, бидејќи Ханси Флик и Жоан Лапорта сакаа да го спојат со својот омилен соиграч од репрезентацијата – Ламине Јамал, но како што објавува „Марка“, Реал Мадрид ја платил откупната клаузула од 58 милиони евра и го обезбедил за следната сезона.