РЕАКЦИИ НА ПРЕДЛОГОТ НА РЕЗОЛУЦИЈАТА НА СДСМ: Црвените линии ќе продолжат да се исцртуваат по изборите

19
Red felt-tip pen writes or draws on paper

Забелешки, критики, нејзино користење како подлога, најави за правење нова резолуција… се реакциите со кои вчера беше дочекана предложената резолуција за црвените линии за нашите преговори со Европската Унија од страна на лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Премиерот Христијан Мицкоски за време на прексиноќешниот престој во Струмица, откако првично го видел предложеното, најави дека ВМРО-ДПМНЕ по локалните избори ќе направи друга, вистинска резолуција, при што, како „подлога“ ќе се користи она што го предложиле од најголемата опозициска партија.

– И ние како ВМРО-ДПМНЕ, како одговорна државотворна партија, ќе направиме една вистинска резолуција. Еве, како подлога ќе ја искористиме оваа резолуција и преку собраниските комисии по завршувањето на локалните избори ќе формираме т. н. македонска резолуција која ќе има за цел да ги штити македонските национални интереси. Нешто што, за жал, за СДСМ видовме дека во минатото не постои, а мене ми е жал што и овој претседател на СДСМ, како и неговите двајца претходници, продолжува по таа патека, рече прексиноќа Мицкоски.

Тој вчера, пак, изјави дека мора да се добијат гаранции за да има уставни промени.

– Без гаранции, не ми паѓа на памет да размислувам за уставни измени. Нашата позиција е јасна, ние не ги игнорираме обврските што претходната влада на СДСМ ги прифатила, за жал, но исто така, не гледаме дека нашиот источен сосед прави нешто во насока на испорака на своите обврски. Очекуваме поробусна акција од ЕУ и кај нашиот источен сосед, односно, кај нивниот партнер во рамки на европското семејство зашто сме виделе во минатото многупати – кога се сакало се можело, порача Мицкоски за време на посетата на Клиниката за кардиологија.

Тој нагласи дека за него постојат само македонски црвени линии, како и дека за Резолуцијата на СДСМ ќе се изјасни по локалните избори. На новинарското прашање дали ги прифаќа црвените линии на Филипче тој одговори дека не прифатиле негови црвени линии, прифаќа македонски црвени линии: „не би го коментирал тоа, можеме да растураме пердуви колку сакаме, ниту сме прифатиле црвени линии негови, јас прифаќам македонски црвени линии“.

– Ние имаме јасна позиција, гаранции – кои ги спомна претседателот на Европскиот совет, зашто македонските граѓани, без разлика на етничката припадност, многу дадоа во име на европската иднина на државата, како ниту еден друг народ во Европа. Што со Македонците од другата страна на таа граница? Што со нив? Ќе се откажуваме ли секогаш како Влада од македонскиот народ во соседството и насекаде во светот? Тоа јас никогаш нема да го направам. А треба само едноставно да се применат пресудите од Стразбур, ништо повеќе не треба да прават. Тоа е меѓународно право, Бугарија е потписник на тие конвенции. За жал, и ова раководство на СДСМ ја продолжува практиката на своите претходни партиски раководства – да ги руши позициите на македонската Влада и држава и да ги распродава идентитетските и националните приоритети од, за него, неразбирливи причини. Ако ова го правеа на времето, за да останат на власт, за да ги злоупотребуваат институциите и ресурсите на државата, некако ги разбирав, но сега, како опозиција, не разбирам зошто мора да ги подриваат позициите на Владата која сака да го поправи тоа што тие го распродадоа изминатите седум години на меѓународен и на домашен план. За Резолуцијата, тоа малку што имаме да го кажеме, ќе го кажеме по изборите – истакна Мицкоски.

Ставот на лидерот на најголемата владејачка партија наиде и на реакција од редовите на СДСМ. Оттаму, во партиското соопштение нагласија дека е „добро што ниту една од партиите не ги отфрла црвените линии“.

– По објавената Резолуција со црвените линии, добро е што ниедна од партиите, ниту ВМРО-ДПМНЕ, не ги отфрла црвените линии ниту чекорите од планот што го предложи СДСМ. Уште еднаш нагласуваме дека самата Резолуција е во заеднички национален и државен интерес, ги содржи сите потребни одредници за заштита на македонскиот јазик, идентитет, историја и култура и предвидува јасни државни позиции и чекори во однос на евроинтегративниот пат – наведоа од редовите на опозициските социјалдемократи.

Од СДСМ нагласија дека во предлогот нема „лажни и неточни историски факти“, како што тоа го кажал премиерот Мицкоски.

– Напротив, во неа се вградени прецизно, фактографски и историски сите претходни резолуции и историски датуми во прогресот кон Европската унија, и нема ништо непрецизно. Порачуваме дебатата на оваа тема во иднина да продолжи конструктивно – на никој не му оди во прилог да се извртуваат тезите или да се укажува на неточности кои, реално, не постојат. Време е конечно да изградиме национален консензус во интерес на сите граѓани и да покажеме зрелост дека партиите може да соработуваат кога се во прашање повисоки цели и иднината на државата. Граѓаните од партиите очекуваат дијалог и соработка кога станува збор за нивната иднина. СДСМ е подготвен на тоа, велат од СДСМ.

Претходно, неодамна, лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, во едно телевизиско интервју неодамна најави поддршка на она што ќе го предложи СДСМ но, сепак, со одредени услови. Во интервјуто за телевизија Канал 5, тој рече дека е подготвен на СДСМ да му ги отстапи авторските права на Национална платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии, која ЗНАМ ја предложи во декември минатата година. Односно, дека веќе сега го поддржува предлогот на СДСМ под услов национално да не се подгазиме по ниту еден основ како нација.

Филипче вчера ја објасни суштината на резолуцијата – Уставните измени за внес на Бугарите во Преамбулата да бидат изгласани до 10 февруари идната година, а веднаш потоа Владата да испрати писмо до државите членки на ЕУ и до Европската комисија дека е исполнета нашата обврска и да побара од ЕК најдоцна до 15 истиот месец земјава да го отвори првиот кластер. Во документот стои и дека јазикот, идентитетот, историјата и културните особености се црвените линии и за нив не се преговара со Европската Унија.

Сега, очигледно останува на периодот по локалните избори за да се види на кој начин ќе продолжи исцртувањето на македонските црвени линии во преговорите со ЕУ. Премиерот Мицкоски минатата недела изјави дека за суштинско поместување на прашањето со Бугарија е „потребна поробусна акција од друг центар на моќ“. Таквата акција, според него, би можела да следува на почетокот на претстојната година при што е клучно двете страни да имаат добра волја.

– Потребна е малку поробусна акција од друг центар на моќ. Разговарав со претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, откако заврши неговата посета во Софија. Тој таму кажа дека со право бараме гаранции поради сè она што сме го направиле во минатото. Очекувам некаков тип придвижување со почетокот на следната година. Исто така, разговарав и со уште еден премиер на држава која е, би рекол, од редот на првите три во ЕУ и од нивна страна се очекува поробусна акција во насока на решавање на ова прашање. Очекувам да има поголема динамика по Нова година. Нешто суштински да тргне во решавање на тоа прашање – изјави Мицкоски на брифингот со новинарите.

Од друга страна, пак, бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, за време на престојот во Њујорк на заседанието на Генералното собрание на ОН изјави дека Македонија не може да смета на „заобиколување на европскиот консензус“. (Б.Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ