сабота, јануари 17, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Развој на инфраструктурата меѓу државите на Коридорот 10

Развој на инфраструктурата меѓу државите на Коридорот 10

82

Македонија иницира потпишување на договор за соработка меѓу државите на Коридор 10 за развој на патната и на железничката мрежа, зелената транзиција и електропреносната мрежа бидејќи ќе биде од корист за сите. Според министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, иницијативата е веќе прифатена од некои негови колеги од земјите по должината на овој паневропски коридор, а со други ќе се преговара во следниот период.

– Целиот проект има смисла доколку инвестираат сите држави кои се дел од Коридорот 10. Во моментов постои брза пруга од Атина до Солун, она што недостасува е Солун – Гевгелија – Скопје – Ниш. Пругата Белград – Будимпешта беше пуштена во функција во ноември, додека линијата Будимпешта – Братислава постои. На пругата Будимпешта – Виена во моментов се работи и она што се согласивме е да потпишеме петпартитен договор меѓу нас, државите на Коридор 10, не само за железницата туку и во делот на автопат и зелена транзиција и во делот на електропреносната мрежа – истакна вицепремиерот Николоски.

Тој најави дека Македонија е веќе влезена во фаза на постапки за брзата пруга, следен чекор е потпишување на договорот со државната компанија „Кросреил” од Велика Британија.

– Го овластивме директорот на „Македонски железници – Инфраструктура“ да  потпише договорот со „Кросреил”. Значајно е тоа што „Кросреил” е во целосна сопственост на Министерството за транспорт на Велика Британија. Таа е компанија која ја изгради првата целосно дигитализирана метролинија во Лондон. Тие ќе го пренесат своето знаење и искуство кон вработените во Македонски железници и ќе бидат контактна точка со сите владини институции. Ова е прв чекор во нашата идеја за брза пруга. Во разговори сме со сите соодветни институции кои се поврзани за изградба и веќе следната година ќе градиме на терен – нагласи Николоски.

ИЗДВОЕНИ