– Живееме во едно динамично време, вo период кога се менува светот, се менуваат технологиите и производите, се менуваат генерациите, начинот на живот и на функционирање, начинот на работење и на соработка. Имајќи ги тие две компоненти во фокусот, од една страна, нашата одговорност кон корисниците, а, од друга страна, промените и фактот што сите ние сме различни индивидуи, се придвиживме напред и создадовме нешто чудесно – истакна Методија Мирчев, главен извршен директор на „А1 Македонија“, која вчера прослави шест години како што работи на македонскиот телекомуникациски пазар под брендот А1.

Моментално компанијата влегува во сериозен инвестициски циклус преку проширување на сервисите и на портфолиото во делот на фиксниот Интернет, оптичката инфраструктура и на телевизијата.

– Нашата визија е јасна, да создадеме дигитална иднина во која технологијата не е само алатка туку и партнер што ги ослободува можностите на секој корисник. Со унапредената понуда, поставуваме нов стандард за персонализација, флексибилност и контрола, овозможувајќи им на корисниците да го креираат своето дигитално искуство без ограничување. Ова е стратешки чекор кон поврзана, поедноставна и побогата комуникација за сите. Досега, „А1 Македонија“ ги потврди своите амбиции со континуираните инвестиции во врвни технологии, прва воведе 5Г-мрежа во земјава и разви решенија што ги менуваат навиките на корисниците. Нашата посветеност е да бидеме први во донесувањето иновации што ги трансформираат начинот на комуникација и забавата, и ќе продолжиме да го правиме тоа. „А1 Македонија“ ќе остане лидер во иновациите, носејќи решенија што го менуваат начинот на кој живееме и комуницираме – потенцира Мирчев.

Елена Панова, директорка на маркетинг и дигитална трансформација во „А1 Македонија“, го претстави унапреденото и ново А1 комбо портфолио, но сега со нова функционалност, што го прави побогато од кога било досега, како и новото портфолио со тарифи за мобилни услуги – А1 алфа, со збогатени можности во ултрапопуларниот и баран А1 нет сеф.

– Новата функционалност на А1 кoмбо е дизајнирана да одговори на секојдневните навики, интереси и очекувања на современиот корисник. Сега, секој има можност сам да избере која стриминг-услуга ќе биде дел од неговиот пакет и да избере „Нетфликс“, „ХБО Maкс“, „Скај шоутајм“ или „Глеј“ и што е уште поважно, може да ја менува таа услуга секој месец, во согласност со актуелните содржини достапни на секоја од платформите. Освен стриминг-услуги, бесплатно следуваат и ТВ-пакети, а нивниот број зависи од тарифниот модел што корисникот ќе го избере. Секој корисник може да си ја приспособи понудата на своите потреби и очекувања, како и лојалноста на корисниците, која, со новото портфолио, доаѓа во фокусот, бидејќи придобивките што корисниците ги добиваат – континуирано растат – изјави Панова.

Инаку, во тек е процесот на доделување на спектарот на фреквенции за трет мобилен оператор, што ќе се случи по завршувањето на локалните избори.

– Имаме сериозни инвестиции во инфраструктурата, што оди паралелно со подобрувањето на сервисот, а, исто така, имаме и сериозни инвестиции во иновативните решенија, стриминг- услугите, осигурителните производи. Од друга страна, ние сме индустрија што е доста регулирана, така што не можеме да ги покачиме цените, тие се регулирани со договорот. Јас сум за конкуренција што е секогаш позитивна и ќе биде дополнителен импулс за нас да бидеме уште подобри во следниот период – потенцира Мирчев.

(С. Бл.) – Фото: П. С.

ИЗДВОЕНИ