Точката за разрешување на Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски треба да биде на дневен ред на утрешната пленарна седница во Собранието, најави претседателот на Собранието, Африм Гаши, на брифинг со новинарите. Гаши информираше дека по евентуалното разрешување, нов државен обвинител ќе биде избран во законските рокови, но не прецизираше конкретен датум кога би се заокружила постапката.
Во канцеларијата на обвинителот Коцевски, рекоа дека според законските одредби, јавниот обвинител има право, но не и обврска да присуствува на седницата.
Доколку на државниот јавен обвинител му престане функцијата или биде разрешен, Советот на јавни обвинители од редот на обвинителите во Јавното обвинителство определува вршител на функцијата. Вршителот на должност може да ја извршува функцијата до именување на нов јавен обвинител, но не подолго од шест месеци. Согласно законот, за јавен обвинител може да биде именувано лице со најмалку десет години непрекинат работен стаж како јавен обвинител или судија од областа на кривичното право. Постапката започнува со огласување на именувањето во „Службен весник“, по што Советот на јавни обвинители, на барање на Владата, во рок од 15 дена доставува образложено позитивно или негативно мислење за сите кандидати кои ги исполнуваат законските услови. Владата до Собранието доставува предлог за именување на нов јавен обвинител, заедно со мислењето на Советот за кандидатот што ќе биде предложен. Конечната одлука ја носат пратениците на пленарна седница. Јавниот обвинител, по предлог на Владата, го именува Собранието со мандат од шест години, со право на повторно именување.
Функцијата државен јавен обвинител Коцевски ја извршуваше речиси две години. Според образложението на Владата се бара негова смена поради направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство, што доведува до нарушување на ефикасноста и функционалноста на ЈО. Неовластено изнесување информации, податоци за судски предмети, со што ја повредил обврската за тајноста на постапката согласно закон. Нарушување на угледот на Јавното обвинителство и неговиот личен углед, не постапувајќи согласно обврските предвидени со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот“, рече на 9 декември владината портпаролка Марија Митева образложувајќи ги причините за одлуката на Владата тој ден. (П.А.)












