Разрешен министер во Албанија поради пушење на недозволено место

488

Новата министерка за внатрешни работи на Албанија, Албана Кочиу, го отпушти својот заменик, Енди Манила, на нејзиниот прв ден на функцијата поради пушење во неовластено подрачје, објавува „Албаниан дејли њуз“.

Манила беше на функција во Министерството за внатрешни работи од јануари 2021 година. Синоќа во објава на официјалната страница на Фејсбук, Кочиу напиша дека одлуката за разрешување на заменик – министерот од функцијата ја донесла по добиена жалба од албански државјанин кој живее во Њујорк.

Во жалбата стои дека заменик-министерот Махила за време на посетата на САД пушел цигари во ресторан, што предизвикало вознемиреност кај присутните.

“Добив жалба од наш сонародник во Њујорк, кој, заедно со своето семејство бил во ресторан. Беше загрижен поради фактот што заменик-министерот за внатрешни работи Махила пушел цигари во истиот ресторан. Спроведов соодветна проверка и му го соопштив на заменик-министерот неговото разрешување од должност“, пишува Кочиу.

Албанската влада положи заклетва на 19 септември. Албанскиот парламент го потврди четвртиот мандат за премиерот Еди Рама, кој објави дека приоритет на новата влада ќе биде членството на земјата во Европската Унија до 2030 година.

Рама минатата недела во парламентот претстави виртуелен „министер“ генериран од вештачка интелигенција, како дел од стратегијата на владата за поголема транспарентност и технолошки иновации.

ИЗДВОЕНИ