Разорни поплави во Албанија: Една жена загина, стотици жители се евакуирани

177

Телото на 75-годишна жена е пронајдено во југоисточниот град Девол во Албанија, во саботата по неколкучасовно пребарување, соопшти полицијата. Жената, која исчезна во петокот, била однесена од ненадејна поплава. Најмалку 200 семејства се евакуирани од четвртокот поради поплавите што оштетија десетици домови, изјави министерот за одбрана Пиро Венгу.

„Повеќе од 1.500 хектари земјоделско земјиште беа поплавени во саботата на југот од земјата“, изјави тој за новинарите.

Покрај тоа, оштетени се околу 20 мостови, од кои некои ќе треба целосно да се обноват, додаде министерот. Војската беше ангажирана во операции за спасување и евакуација, дистрибуција на храна и зајакнување на насипи и брани.

Состојбите се катастрофални во руралните области, вклучувајќи го и јужното село Душар, каде што 30 семејства се блокирани бидејќи поплавите ги направија патиштата непроодни.

Дождовите предизвикаа излевање на реките Вјоса и Семан, поплавувајќи големи површини обработливо земјиште. Агенцијата за цивилна заштита соопшти дека околу 220 хектари земјиште во северозападниот регион се поплавени.

Видео објавено на интернет покажува поплавени домови и обработливо земјиште, додека земјоделците велат дека нивните посеви претрпеле голема штета. Постоит загриженост дека условите би можеле да се влошат бидејќи се предвидуваат повеќе дождови во наредните денови, а тимовите за итни случаи остануваат во готовност.

ИЗДВОЕНИ