Шпанецот Марк Маркез ита кон шампионската титула во Мото ГП шампионатот, откако ја забележа шестата последователна победа во сезоната, 97 во кариерата.
Но, на оваа трка имаше неколку изненадувања, како и разочарани лица. За возач на денот беше прогласен Фермин Алдегер, од тимот на Гресини Дукати. Дебитантот го забележа најдобриот пласман (второ место) во кариерата во „кралската класа“. Зад најдобрите тројца следуваа возачите на КТМ, Педро Акоста и Енеа Бастијанини, кои беа пред Жоан Мир (Хонда), Бред Биндер (КТМ) и Пеко Бањаја, кој возеше уште една лоша трка.
Од друга страна, големо незадоволство имаше во очите на Алекс Маркез. Возачот на Гресини ја заврши трката на десеттото место, но многу поголем проблем беше неговиот долг казнет круг. Маркез доби казна за долг круг пред трката на Шпилберг поради инцидент со Жоан Мир за време на Големата награда на Чешка минатиот месец.
- Искрено, не е фер што сите казни не се исти. На многу патеки губите помеѓу 1,7 и 2,3 секунди. Тука јас изгубив 3,6 секунди, порача Алекс Маркез, кој сè уште има висока предност пред Бањаја во борбата за второто место во шампионатот.
Свој револт имаше и Франческо Бањаја, кој верува дека проблемот не е во него и неговото возење, па испрати порака до Дукати:
- Сè што се случува цела година, се случи на трката во недела. Се борам и давам сè од себе, но овој пат тоа значеше позиција број осум. Победникот на трката победи со времето што го освоив минатата година. Имам таков потенцијал. Не знам зошто ништо не ми функционира. Марко Бецеки и Марк Маркез се подобри од мене. Заостанував 12 секунди на патека каде што секогаш правев разлика и не го разбирам тоа, навистина не го разбирам. Не можев да дадам гас како што сакав, сите ме претекнуваа во кривините. Дукати мора да ми го објасни тоа, но трпението ми е при крај, рече искрениот Франческо Бањаја.
Лидер во генералниот пласман е Марк Маркез, кој има 55 бода во однос на неговиот брат Алекс.