Разговор со Румена Бужаровска во Градската библиотека во Скопје

53

Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, на 6 октомври, во 19 часот ќе се одржи разговор со писателката Румена Бужаровска. Нејзиниот роман „Тони“е книга на месецот и заедно со разговорот и клубот на читатели се дел 4. циклус на големата кампања на ГБСК „Читаме современи македонски автори“.

Разговорот со Бужаровска ќе го води Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

Напишан на жив, остар и современ јазик, во препознатливиот горчлив и истовремено духовит стил на Бужаровска, „Тони“ е роман за машкоста, за градот и за традицијата. Брутално комичен, но и длабоко трагичен, се чита во еден здив. Ова е роман што ќе ве удри од земја и ќе ве натера да ги преиспитате општествените, романтичните и семејните односи од нашето секојдневие. Книгата е во издание на Издавачки центар ТРИ.

Румена Бужаровска (1981, Скопје) е писателка, преведувачка и професорка. Авторка е на романот „Тони“ (2024) и четири збирки раскази преведени на повеќе од петнаесет јазици. Расказите од збирките „Мојот маж“ и „Не одам никаде“ добиле мноштво меѓународни признанија и рецензии и се поставени како шест театарски претстави во земјата и во странство. Бужаровска е авторка на „Господ, па Америка“ (2024), збирка есеи, како и студија за хуморот во расказот „За смешното“(2012).

ИЗДВОЕНИ