„Секој од досегашните албуми на ФИН Проект носел со себе своја автентичност, звук и приказна кои го правеле препознатлив, но секогаш свеж и мистичен. Тоа се должи на мојот порив да се истражува низ безграничниот простор наречен музика, често фузирајќи различни стилови и музички правци со цел на суптилен начин да се создаде музика која кај слушателот ќе создаде слика, своевиден саундтрак на моментот или, воопшто, на животот. Сега, едноставно дојде моментот со нашата прекрасна вокалистка Тања Царовска да ги споиме музичките светогледи во еден заеднички егрегор, заедно со нашите гости на албумот, за што сум исклучително среќен, вели за весникот „ВЕЧЕР“ Никола Стојковски (ФИН Проект) со кој зборувавме за создавањето на неговиот последен албум „Егрегор“ чија концертна промоција ќе се одржи во рамките на Скопско лето на 3 јули во Куршумли Ан

 Марија САРЕВСКА-ТОДОРОВСКА

Никола Стојковски алиас ФИН Проект, е повеќе од една деценија присутен на современата музичка сцена, и тоа не само македонска, туку и пошироко. Воден од својот порив да се истражува низ безграничниот простор наречен музика, често фузирајќи различни стилови и музички правци, неговите проекти настануваат со цел на суптилен начин да се создаде музика која кај слушателот ќе создаде слика, своевиден саундтрак на моментот или воопшто на животот. ФИН Проект досега ги има реализирано албумите „Битови и Орнаменти / Во Македонија“, „Едно е Сонцето“, „Ре:Визија“, „Време. Живот. Слобода“, ФИН Проект оркестра“. По синглот “Контемплација“ објавен во 2024 и работен со виртуозот на кларинет, саксофонист и мултиинструменталист Петар Христов и Добрила Грашеска, пејачката на „Чалгија сануд систем“ и „Добрила и Дориан дуо“, Стојковски, не престанува да плови низ емотивните бранови во себе. Во 2025, низ соработката со Тања Царовска заокружува едно внатрешно патување низ звук и емоција кое е материјализирано во најновиот албум „Егрегор“.

 

Како езотеричниот поим „егрегор“ од мисловна и енергетска форма се материјализира во музичка форма, токму сега, токму овде токму со луѓето кои избравте да учествуваат во неговото создавање?

– Насловот на албумот се наметна сам по себе. Уште при самото запознавање со Тања, разговарајќи околу мојата замисла за албум констатиравме дека освен музичките форми и концепт ние се поклопуваме и околу многу други нешта кои ги сметаме за вредни и важни да се истакнат. Сето тоа е проткајано низ текстовите, насловите на песните и почитта кон традиционалната македонска музика, оставајќи и на публиката простор за перцепција, размисла и толкување.

 

Познато е дека во претходните албуми соработувавте со одлични, единствени вокали како Калина Велковска, Добрила Грашеска… Kако одлучивте овој проект да се случи со врвната македонска вокална солистка Тања Царовска?

 

– Секој од досегашните албуми на ФИН Проект носел со себе своја автентичност, звук и приказна кои го правеле препознатлив, но секогаш свеж и мистичен. Тоа се должи на мојот порив да се истражува низ безграничниот простор наречен музика, често фузирајќи различни стилови и музички правци со цел на суптилен начин да се создаде музика која кај слушателот ќе создаде слика, своевиден саундтрак на моментот или воопшто на животот. Низ тие албуми се нанижаа мелодии и песни кои успеваат да го однесат слушателот на места на кои никогаш не бил, или да го вратат во време и место од минатото будејќи некакви спомени. Свој голем придонес на мое големо задоволство имаат и сите мои музички соработници на кои сум им бескрајно благодарен. Тие секогаш биле и се’ музичари чиј сензибилитет и креативност исклучително сум ги ценел. Така и оваа втора деценија од животот на ФИН Проект донесе своја посебност. Започна со изданието “Контемплација” со извонредните Петар Христов и Добрила Грашеска, па преку соработката со познатиот светски композитор Марчело Де Франчиши и преработките на неговиот албум „Indie Monastery“, за да стигнеме до нашиот албум Егрегор со нашата прекрасна вокалистка Тања Царовска. Веројатно одговорот на Вашето прашање е во насловот на албумот. Едноставно дојде моментот да ги споиме нашите музички светогледи во еден заеднички егрегор, заедно со нашите гости на албумот, за што сум исклучително среќен.

 

И изборот на соработници низ децениското создавање, секако, не е случаен. Што зборува тоа за музиката во „Егрегор“, кој се му дава звучна боја и дух, а кого ќе можеме да видиме на сцената во Куршумли ан на концертната промоција?

– На овој албум, во нашиот „Егрегор“ учествуваат дел од досегашните соработници како Петар Христов (кларинет и саксофон), Горан Трајкоски – Готра (вокал и текст), Јован Јовановски (аранжмани), Билјана Петровска (пијано), Даниел Маневски (кавал) и деби соработка со Филип Михајлоски (канон). На концертот ќе настапат и Андреа Мирчевска (контрабас и бас гитара) како и камерниот гудачки состав „Илија Јовчев“ и Ева Ристеска (виолини), Ангела Винтовска (виола) и Александар Ицковски (виолончело).

 

Што е она што го придвижува авторот и продуцентот да одржува континуиран разговор со музиката како ваше поле на изразување? Каде почнува, а каде прекинува, или во што се преточува вашиот креативен процес?

– Создавањето музика за мене е сигурно едно од најубавите нешта. Исто и за моите соработници на сите мои досегашни албуми. Процес кој почнува од идеја и завршува со концертни изведби, во меѓувреме исполнет со творечки порив, инспирација и емотивни бранови кои се двигател на сето тоа прекрасно искуство.

Секако, реакциите на публиката кои се потврда за примената уметничка порака и естетика сѐ дополнителен мотив за продолжување и творење.

Дали е времето различно, или текот во кој ќе се одвиваат работите на современата музичка сцена, домашна и светска, на крајот зависи од поединецот? Дали ќе доминира убавото, вредното, трајното или тоа неповратно ќе заврши во вртежот на консумеристичкиот свет на краткотрајни и брзи заменливи вредности?

Со жалење морам да се сложам со Вас околу девастацијата, но не само на музиката во светски рамки туку културата воопшто. Се сложувам исто така, дека е тоа избор на поединец, некои тоа го толкуваат како слобода на изразување при тоа сервирајќи нешто што се коси со културните, а се почесто и морално етички норми кои цивилизацијата ги има како достигнување обидувајќи се како изговор да посочат кон барањето (вкусот) на масите. Токму тоа е разликата меѓу уметноста и индустријата. Јас сум од оние кои сакаат да придонесат кон фина естетика од секој аспект ставајќи акцент на почитување на различности, преку музика спојувајќи различни култури, оставајќи надеж за покултурен и подобар свет од овој денес. Мислам дека тоа е улогата на уметниците во овој свет кој како да тргнува во сериозен регрес, веќе некое време.

 

И покрај тоа што создавањето музика за Вас е првенствено лично странствување низ музичко-духовните простори, сепак, што споделувате она што го творите и споделувањето со публиката Ви е важно. Како да ги заштитме, изолираме или насочиме младите да си создадат изострено сетило за вредност што трае, што инспирира?

– Во таа насока би потенцирал дека е добро да се почитува и негува традиционалната музика која како и јазикот се суштината на македонскиот идентитет, храбро создавајќи автентична современа македонска музика. Многу ми е драго што сум сведок на солиден број млади артисти и бендови кои не подлегнуваат на конзумеризмот и имаат свој автентичен израз и звук. Но во истовреме, жалам што се уште македонскиот медиумски простор е резервиран воглавно за конзумеризам, еродирајќи ја културата во земјата гушејќи го развојот на младите. Редакциите за култура, музичките редакции како и се што е поврзано со културната еволуција на општеството, во огромен дел од медиумите се минато. Останува да се надеваме дека ниското ниво на култура, меѓу другото кое е резултат точно на овие причини, ќе ги допре оние кои се креатори на овие состојби и во блиска иднина ќе дочекаме исчекор и посериозен пристап кон музичката култура кај нас.

Тања Царовска, музички уметник

 „Егрегор“, посвета на моќта на женскиот вокал од сите култури во светот“

Само посветен перфекционист како македонската вокалистка и автор Тања Царовска може непосредно, а детално и постапно да го навезе целиот процес на настанување на проект на кој што работи. За албумот „Егрегор“ и соработката со ФИН Проект ќе рече дека на почетокот се работело само за една нумера.

– Немавме намера за албум, само за една трака. Никола првенствено ми понуди соработка како вокал на една негова нумера која трае околу 12 минути. На неа веќе беше снимен кларинетистот Петар Христов со кој имав работено на мојот прв албум, па идејата беше да се креира еден долг дијалог помеѓу вокал и кларинет. Јас ја чув и се согласив, но кога пробав, не беше лесно да го вклопам мојот вокал на неа затоа што Петар е голем виртуоз и креативец. Тој има силна соло експресија, кларинетот веќе ја носеше композицијата и секој обид да пеам врз него ми ствараше фрустрација, како да не сакам да се “мешам”, да ја вознемирувам таа убавина, играта на кларинетот. Така, продолжив да ја одложувам мојата работа. Во меѓувреме, Никола доби идеја за вокал на друга нумера, „Ах Минав Гора“, која ми беше “полесен зафат”, па ја снимив, за инспирација, за да почнеме полека да се “запознаваме” музички. По тој ист патерн се наредија сите останати идеи за нумерите на албумот, а првата сè уште никако да ја снимам. Една по една ги дискутиравме и снимавме останатите идеи, па настана доволно материјал за албум. Дури на самиот крај, конечно ја снимив првата композиција, која сега би ја нарекла “омаж/посвета (homage) на моќта на женскиот вокал од сите култури во светот”. Тоа е нумерата „Егрегор“, по кој и албумот го доби своето име, односно таа го доби името на албумот, тука приказната е некако “јајцето или кокошката”.

Проектите кои се музички соработки, Царовска ги избира врз основа на повеќе фактори. Приоритет вели, имаат оние чија музика и сама ужива да ја слуша.

-На пример, никогаш не ја одбивам композиторката Џоселин Пук па што и да правам, таа е голем креативец и експерименталист и тоа ме воодушевува и инспирира, ќе рече таа. За тоа колку самата се пронаоѓа во проектот, дали навистина тоа е нешто што би уживала да го работи и изведува, ќе рече: „ниедна сума на пари не може да ме натера да испеам нешто или на нешто кое не ми се допаѓа, зад кое не можам да застанам достоинствено“. Она пак, што смета дека е многу важно, е колку им е сличен музичкиот сензибилитет со соработникот, па дури и стиловите на музика да им се потполно различни. „Со една реченица ако ‘го чујам’ мојот дел, го работам, ако не, не губам време зашто времето е најсакапото нешто на овој свет“, вели Царовска. Во овој период нејзината работа повторно се движи накај филмската музика, снима вокали за филм и слични проекти, а моментално работи на албум на македонски народни песни во нејзини вокално-оркестарски аранжмани.

 

Учам да бидам практична во креативноста и да го искористам моментот

-Моментално работам уште на еден албум во соработка со еден композитор и клавијатурист од Њу Јорк, Мајкл Вејлен, а и туку што завршив со снимање вокали за еден шпански филм за Пикасо и еден американски филм со “гангстерска” тема, за скриеното богатство на Пабло Ескобар. Имам неколку понуди и за авторска музика за кратки филмови, во преговори сум, открива Царовска.

Што се однесува до нејзината креативна работа, таа постојано нешто работи – започнува, разработува или доработува веќе започнато или пак бележи нови идеи кои потоа “во фиока” чекаат ден да бидат вдахновени со нејзината посветеност и енергија. За себе ќе рече дека знае да биде премногу самокритична и перфекционист, па често одолговлекува, премногу ѝ е тешко да прогласи нешто за завршено. – Можеби конечно почнав да се помирувам со фактот дека, всушност, музиката никогаш не може да биде завршена зашто секогаш има уште милијарда опции како може да звучи едно креативно дело, а истовремено и една обична, акапела испеана музичка линија е сосема доволна и идеална сама по себе. Учам да бидам практична во креативноста и да го искористам моментот. Тоа се однесува на мојата музика која ја компонирам во последните неколку години. Секако, морам да проговорам тука и за моментот на финансиска поддршка, која, едноставно, ја немам. А се надевам дека ќе се појави некако, ќе ја испрати универзумот, под инструкција на Бог, Омнитворецот 🙂

Моментално работам на албум на македонски народни песни во мои вокално-оркестарски аранжмани, или пак, песните се мотиви за композициите кои уживам да ги пишувам, композиции, кои, според мене, кога би се извеле на сцена, би го разбудиле и разубедиле Македонецот уште еднаш дека навистина има неверојатно богатство од фолклор и песни со кои може да се прават чуда. Многупати сме посведочиле за тоа, секако, но убавината и магијата е во тоа што секој музички уметник има свој индивидуален пристап, уникатен само за него, кога се работи за употреба на нашиот фолклор во своето творештво. Мојот пристап кон нашите песни е неверојатно деликатен, верувам – нежен, лиричен, во секој случај, мој, посебен, го носи се она што сум го “собирала по пат” работејќи на музика низ светот, филмската музика, различните култури и стилови со кои сум се сретнала и сум ги изведувала и композиторите со кои сум работела и воедно им сум се восхитувала. Сакаш-нејќеш, еден ден се будиш и сфаќаш дека сето тоа, како автор, те оформило во еден нов, посебен музички хибрид.

Музиката не ја меша многу со моментите на тага или фрустрации, а нив ги има многу во животите на сите нас кои живееме во овие времиња.

-Музиката е света, ако јас се прашувам, таа не треба ни да се изведува или слуша ако не и е дадена потполна тишина и внимание. Секако, може да има и своја бекграунд употреба но само кога се танцува врз неа, или пак кога се пушта на снимка, носач на звук. Музика во жива изведба е енергија, таа не смее да се вознемирува, не смее да се сецка со часкање, жагор или невнимание. Особено кога се изведува авторска музика. По тој пример, и самиот изведувач не може добро да ја изведува музиката ако не ја чувствува потполно, ако не е предаден на моментот, ако нема доволно време или ако не е на соодветно место, зашто тогаш музиката не е канал на божествениот извор на енергија. Мораме да ѝ го даваме заслуженото внимание на музиката ако сакаме таа вистински нас да не оплемени, за возврат.

Слушач сум со отворен ум и уво, но затоа пак и сум доста категорична и остра кога со нешто не резонирам

Што се однесува до она што го слуша во своето секојдневите, тоа не мора она што јас биде само музика од човечки инструменти, од човечката музика, можеби ќе звучи како клише но јас навистина слушам се што ми е убаво – Ја пронаоѓам музиката и во шумот на брезите или дабовите, во крекањето на жабите, штурците, птиците (сите видови со своите уникатни звуци), во лаежот на кучињата или криците на лисиците, мукањето на кравите, зуењето на пчелите…понекогаш дури и во метежот на градот а секогаш во тишината на селото. Музиката од природата нема крај, само ретко свесно ја слушаме. А од музика создадена од човекот, можеби ќе звучи како клише но јас навистина слушам се што ми е убаво. Не се ограничувам, слушач сум со отворен ум и уво, но затоа пак и сум доста категорична и остра кога со нешто не резонирам, кога тоа не се мои вибрации. Слуша се што е добро, но не дозволува да слуша се што секојдневието ѝ сервира.  – Ако на пример влезам во продавница и музиката таму не ми се допаѓа, веднаш ставам слушалки и пуштам нешто што го сакам, или ако не, брзо напуштам. На места каде што ечи музика што не ми годи, напуштам или барам начин да  ја исклучат, ако морам да останам подолго. Силно сум чувствителна на звуци, и ако тие не се на моја фреквенција, моето тело и дух тоа веднаш го чувствуваат, се вознемируваат. Не дека не сум способна да истрпам нешто што лошо звучи, но ако може поинаку, зошто би трпела. Тоа е често случај со денешната мејнстрим “популарна” музика, неподнослива ми е, пречесто. Ние луѓето не сме доволно свесни колку погрешните звуци ни ја контаминираат енергијата и ни ја нарушуваат добросостојбата, а со тоа и здравјето. Лошите звучни вибрации разболуваат, убавите вибрации лечат.

Царовска растела со многу различни стилови, различни фази; најмногу има слушано класична, џез или музика од различните етнички поднебја во светот, а, сепак, отсекогаш  тежнеела најмногу кон акустичната музика. – Таму најмногу и сама припаѓам и тоа е она што јас сама го работам. Ретко користам електронски елементи, но еве, правам исклучоци во соработки, кога некој друг добро го познава тој домен и вешто користи електронски звуци. Во последно време се повеќе тежнеам кон акустична музика во 432hz, зашто таа фреквенција е најпогодна за нас, за сите живи битија. Би сакала еден ден овој свет на погрешни звучни вибрации да се распадне и стиши и дa надојде нов, силен бран на музика во 432hz и другите фреквенции кои се исцелителни за нашите клетки. Порано, кога ништо не знаев за овие разлики, не обрнував внимание, но сега, тоа ми е многу важно, вели таа.

Каде и да сум, со есенцијата секогаш сум во Македонија, има причина што човек се раѓа во одредено поднебје

За тоа каде е нејзиниот дом моментално каде живее и каде ѝ е најинспиративно за творечка работа, Царовска без двоумење ќе каже дека ѝ е инспиративно каде што е тивко. Каде што можам да си ги чујам мислите, или пак каде што можам да си дозволам да тихувам во долги интервали. Градовите тоа не го дозволуваат многу. Не ми годат бурни, преактивни средини. Иако, и градот си има свои позитивни страни, постојано те тера да се движиш, да дејствуваш, те тера на активност. И премногу тишина и самотија знае да пасивизира, да настане губење на мотивација. Затоа е најдобар балансот природа – цивилизација, и тој сам баланс, неговото постигнување, е уметност на живеење.

Официјално живее во Англија, таму е нејзиниот дом, но последниве неколку години е почесто во Македонија, поради соодветни лични причини и ситуации,  каде што си создала и мало студио за снимање на село, во семејната куќа од детството на мојот (покоен) татко. Но често е и во Скопје, патува често или Преспа-Скопје, или Македонија-Англија. – Напорно е, признава таа, но се помирив дека уметникот мора да патува, мора да навикне на тоа. Но, каде и да сум, со есенцијата секогаш сум во Македонија, има причина што човек се раѓа во одредено поднебје, духот има поврзаност со тоа поднебје и веројатно, своја мисија таму.

 

ИЗДВОЕНИ