Пред да станам родител, мојата работа вклучуваше многу патувања, па носев книга со себе на секое од нив. Родителството ми покажа колку ми е важно читањето – на сите фотографии од тие први денови со бебето, кои се малку хаотични и поврзани со многу неспиење, кај мене секогаш ѕирка книга. Времето за читање, дури и едно поглавје, е време кога се поврзувам со себе и со моето креативно јас. Во тој период по породувањето, се насочив кон фикцијата, драмата и кон новите литературни форми, за разлика од претходно, кога повеќе читав теорија, филозофија, есеистика и биографии. Новите избори не само што ја одржаа мојата читачка кондиција туку и ја создадоа основата за заедницата што внимателно избира и дискутира за книги – вели за весникот ВЕЧЕР Марија Павлеска, основач на профилот на „Инстаграм“ „Мама (ми) чита“
Профилот на „Инстаграм“ „Мама (ми) чита“ функционира речиси две години како простор каде што може да се прочитаат рецензии за сликовници, книги за деца и за возрасни, да се биде дел од читачки клуб наменет за жените и посветен на книгите од авторки, да се учествува на креативни работилници. Основач е Марија Павлеска, инаку по професија дипломиран економист, чиј првичен поттик дошол со моментот кога се реализирала како мајка, кога ѝ се јавила и потребата од простор каде што ќе ја канализира својата насушна потреба за читање, сега и заедно со своето дете, избирајќи квалитетни содржини преку кои ќе растат заедно. И еве, повеќе од една и пол година, таа не престанува да пишува, споделува содржини, креира заедници за комуникација со истомислениците.
– Во една година се случи многу повеќе од очекуваното. Започнав со профилот со едноставна цел: да создадам место со сликовници и со искрени родителски рецензии, во време во кое недостига вистинска критика, а маркетингот е насекаде. Идејата се роди кога и самата купив неквалитетна сликовница. Тоа ме поттикна да создадам простор каде што ќе може родителите да донесуваат информирани одлуки за книгите. Денес, профилот поттикнува активна дебата за детската литература и сè повеќе родители се консултираат пред да купат книга.
Профилот „Мама (ми) чита“, кој, всушност, претставува кованица од „мама чита“ и „мама ми чита мене“, Павлеска, вљубена во книгата од дете, го започнала со рецензии за оние сликовници кои ги имаат дома и кои ги чита со својот син, а кога се зачлениле во библиотека, почнала да ги споделува заедничките неделни/месечни избори.
– За нас, позајмувањето книги е првиот филтер кон тоа дали ќе ги купиме и за домашната библиотека. Ова споделување поттикна многу родители да ги зачленат своите дечиња во библиотека. Во ноември минатата година, започнав и со креативни читачки работилници. Тоа се интерактивни дружења во кои ги оживуваме сликовниците преку имагинација и користење на моторички, логички, музички и сензорни игри. На овие работилници и се танцува и се скока, се користат лупи, стапчиња, материјали како палента и морски школки. Заедно ја слушаме приказната, но воедно сме и нејзини творци – раскажува таа.
Примарен фокус на профилот „Мама (ми) чита“ се рецензиите посветени на сликовниците, книгите за деца и за млади, кои се менуваат според интересите на читателите и од поновата книжевна продукција или од богатиот репертоар класици на овој вид литература. Ако на почетокот рецензиите биле подетални – Павлеска пристапувала со разгледување на приказната, ликовите, илустрациите, преводот, па дури и на квалитетот на „принтот“, денес таа пишува поконцизно, бидејќи преку првите објави веќе ја изградила довербата дека внимава на секој аспект од една детска сликовница, но и од романите за млади и од книгите за возрасни. Тековно објавува за новите изданија, а понекогаш и за постари, вредни книги што повторно ги открива заедно со своето дете во библиотеките.
Мама ми чита мене, ама и за себе
Како што почнал да расте интересот за профилот така растеле и идеите на Марија и во ноември минатата година таа одлучила да основа и читачки клуб, наменет за жените и посветен на книгите од авторки.
– Во една година прочитавме 12 книги, но имавме многу повеќе средби бидејќи ги одржуваме и онлајн и во живо – нашите членки се од Македонија (Скопје, Охрид, Прилеп, Штип, Битола, Кичево…) и Mакедонки што живеат во Германија, Данска и во Шведска. Токму различноста на оваа заедница создава уникатно доживување: истовремено се чита иста книга на различни места, од различни жени со различни перспективи.
Таа не пропушта да нагласи дека иако иницијалната идеја за „Мама (ми) чита“ била нејзина, а клубот, работилниците и другите активности органски произлегле од потребите на заедницата, секако, станале и нејзина лична потреба.
– Денес не можам да го замислам клубот како нешто помалку од извор на меѓусебна инспирација и поддршка – вели таа.
Во 2025 година, особено во последното тромесечје од годината, функционирањето на „Мама ми чита“ се проширило на реализација на креативни работилници поврзани со промоцијата на сликовници и на книги за деца. Конкретно од октомври, се случуваат читачки клубови за деца и за родители, еден вид исполнување на нејзин дамнешен сон.
– Идејата ја имав уште по годинашниот Саем на книгата, но реализацијата беше тешка без поддршка од издавач. Имав подготвени начини како да се читаат сликовниците дома и активности кон нив, но многу од книгите недостигаа во библиотеките. Издавачката куќа „Чудна шума“ ја препозна идејата и донираше примероци во библиотеките од четири града. Денес, секој град има своја чет-група за комуникација и споделување активности, а секој месец го заокружуваме со средба во библиотека. Учеството е достапно за сите – зачленувањето во библиотека е бесплатно за децата до шест години, а за позајмувањето книга се плаќа 15 денари; сите активности и работилници се бесплатни за членовите на клубовите.
Се разбира, тоа се случува благодарение на започнувањето соработка со домашните издавачки куќи, кои во последниве неколку години навистина создаваат значителна квалитетна продукција на сликовници и на книги за деца и за млади, со акцент на важноста и на квалитетот како на содржината така и на илустрациите.
Во соработка со издавачката куќа „Сказнувалка“, пак, во октомври и во ноември оваа година, преку проектот „Шарени читанки“ и „Мама (ми) чита“, беа одржани читачки работилници во десетина градинки и во едно училиште на територијата на градот Скопје. На работилниците учествуваа 566 деца, а секоја од градинките доби примероци од сликовницата што ја работевме, со цел збогатување на нивните библиотеки – раскажува Павлеска.
Празниците се создадени за книга
Вљубениците во книгата и во читањето веќе ја чувствуваат божиќната еуфорија со секоја страница на која буквите практично потскокнуваат, затоа уште со почетокот на декември Павлеска започна со споделување празнични книжевни препораки со трајни вредности – книги што заслужуваат место во секоја детска библиотека.
– Сите други подароци се надраснуваат, но книгата е подарок што се отвора одново и одново. Затоа секогаш препорачувам добра книга и лична посвета за навистина уникатен и траен подарок – вели таа.
Не ја прашавме што си посакува за празниците, затоа што „Мама (ми) чита“ е нејзина веќе остварена, најголема желба. Останува само да не престане да ја реализира зацртана благородна мисија започната со инстаграм-профилот.
– „Мама (ми) чита“ беше основан со мисија да ги поттикне родителите и децата на заедничко читање, на откривање светови и емоции и на зајакнување на блискоста преку времето поминато заедно. Во хаотичен свет со премногу понуди, профилот со препораки им помага на родителите да направат информирани избори, а работилниците и читачките клубови го прават тоа преки споделување, како заедница. Електронскиот свет, со сите свои содржини, често нè прави пасивни гледачи, додека книгата токму спротивното – нè вклучува и ни дава простор да создаваме – вели Марија.
Ова на најдобар начин го илустрира нејзиното последно искуство од работилницата со сликовницата „Гратчето Имамоко“.
– Бидејќи оваа сликовница е без зборови и има само илустрации, децата учесници, преку игра, сами напишаа текст и создадоа своја приказна, која ја изработивме како книга за само час и половина. Ниту едно дете на работилниците досега не го има извадено својот телефон (а реалноста е дека децата имаат пристап до телефони од мала возраст) или има кажано: „Не сакам да учествувам“. Тоа покажува дека децата прифаќаат книги ако им се понудат на вистинскиот начин.
За родителите, кои се, можеби, најмногу исправени пред предизвиците и кај кои сè почесто електронските уреди и неопипливиот виртуелен свет го заменуваат пишаниот свет, Марија има топла и проверена празнична препорака: да носат книги во парк, на патување и книгите секогаш да им бидат присутни дома, како постојан поттик за љубопитност и за едукација.
– Екраните се алатка за работа и за учење, но печатената книга останува место каде што сме најслободни со нашата фантазија, која се збогатува со секое прочитано дело – вели Павлеска.














