–„Предација“ претставува ликовен приказ на животинскиот свет. Во него постојат грабливци и жртви во сите негови форми и средини, а во оваа пригода имам шанса конечно тоа да ѝ го покажам на јавноста. Лајтмотивот е животот што си го наоѓа своето место на овој свет. Во воздух, под вода, на копно. Опстанокот ги остава најдобрите, најсилните, најбрзите, најспособните. Тоа се предаторите… вели уметникот Ацо Таневски, чија самостојна изложба во Културно-информативниот центар го привлече вниманието на љубителите на уметноста
– Долги години ме фасцинираат очите на предаторите, поточно, нивниот поглед од профил или анфаз, вели во разговорот за весникот ВЕЧЕР реномираниот македонски уметник Ацо Таневски, чија самостојна изложба „Предација“ може да се проследи во салата „Империјал 1“ во Културно-информативниот центар во Скопје. Како што посочува самиот уметник, „Предација“ претставува ликовен приказ на животинскиот свет, а во него, вели, постојат грабливци и жртви во сите негови форми и средини. Во оваа пригода има шанса конечно тоа да им го покаже на јавноста, пред која се претставени примероци на цицачи, рептили, влекачи, птици, риби…. Тоа е вели, и темата на изложбата.
Според Таневски, секој уметник твори по инспирација или провокација.
– Јас тоа го нарекувам убаво ѓубре кое се таложи во душата, мислите, сонот, срцето, и мора да се исфрли со материјализација на идејата, без разлика дали се работи за книжевност, музика, сликарство, филм, театар. Не припаѓам во онаа група уметници што цел живот работат исто и се повторуваат… Јас секоја година имам различни сфери на интерес. Покрај неколкуте лајтмотиви што паралелно егзистираат со годините, како вселена, планетарни пејзажи, предатори итн., на оваа изложба тоа е животот што си го наоѓа своето место на овој свет. Во воздух, под вода, на копно. Во својата еволуциона историја животните развиле различни начини за опстанок и ефикасно ловење. Опстанокот ги остава најдобрите, најсилните, најбрзите, најспособните. Тоа се предаторите…, вели уметникот чија изложба „Предација“ го привлече вниманието на љубителите на уметноста.
Со оглед на тоа дека неговото ателје, како што ни откри самиот, е на Скопска Црна Гора, на нашето прашање колку природата што го опкружува му дава енергија за творење, Таневски ни одговори:
– Природата, т.е. пејзажите, селската архитектура и етномотивите со мртви природи ми беа инспирација за време на студирањето и постакадемскиот период. Енергија за творење, всушност, ми дава водата која, за жал, е далеку од нас. Морските пејзажи ми се долги години инспирација…

Тој додава дека оваа изложба е најголема досега во неговото творештво, но имало и многу други на кои со задоволство се сеќава.
– Заклучно со Кавадарци од пред една недела, сум бил на 47 колонии. Многу пријатни сеќавања, пријателства, настани, згоди и незгоди, искуства… Ако треба да издвојам некоја, тогаш тоа е Заечар т.е Гамзиград од пред десетина години, и колонијата „Папрадишки мајстори“ во Велес, која, за жал, е згасната. Прекрасни дружења со колеги. Инаку, сметам дека успешноста е релативна и не се мери според бројот на изложби или квантитетот на создадени дела. Понекогаш едно ремек-дело е подобро од 30 обични дела, додава Таневски.
Секоја уметност, секоја слика, носи своја порака. Токму за пораката на неговите дела, уметникот вели: – Моите пораки на претходните изложби се длабоко хуманистички, универзални, со протест поради дехуманизација на човекот и општеството, зачувување на природата. Овој проект е опомена дека сите животински видови се во опасност од истребување, или се веќе загрозени видови. На поставката, на крајот има огледало. Секој посетител да се погледне и да се сети дека му припаѓа на видот хомо сапиенс кој е, всушност, најголемиот предатор, истребувач што постои на планетава!
Инаку, Ацо Таневски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во 1991 година, на Педагошкиот отсек со сликарство. Член е на ДЛУМ од 1993 година и член е на Сојузот на ликовните педагози на Република Македонија. Десет години работел како просветен работник. Освен со ликовна, се занимава и со театарска и со книжевна уметност, а живее и работи во Скопје. (Д. Т.)