Тажна, веројатно најтажна Духовденска Задушница досега ќе се чествува утре и задутре во Кочани. Поинаку не може да биде откако на 16 март овој град ја доживеа својата, но и македонска, најголема трагедија кога во ужасниот пожар во дискотеката „Пулс“ настрадаа 62 лица. Триесетина од нив веќе три месеци почиваат во својот град, на гробиштата каде беа погребани во заедничката алеја на посебно уредениот дел. Токму таму, и нив како и многу други починати кочанчани утре и задутре ќе ги посетат најблиските роднини, пријатели… Претходно, во градскиот храм „Свети Георгиј“ ќе се одржи посебна служба посветена на овој ден, ќе се палат свеќи, ќе се упатуваат молитви за душите на покојните. Оваа година црквата направи посебен распоред поради очекуваната масовна посетеност на вечните почивалишта. Со распоредот, семејствата се планирани да ги посетат гробните места каде почиваат нивните деца во сабота од седум часот наутро за кога е закажана и литургијата во храмот.
Потоа, патот ќе ги води кон градските гробишта каде им почиваат најблиските. Алејата каде што почиваат триесетина настрадани во ужасниот пожар веќе е уредена како и што треба да биде. Натстрешница, бел мермер, цвеќиња, посебно направени стаклени орманчиња во кои може да се видат нивните омилени предмети… е само дел од сликата што се гледа. Сето тоа за да им се олесни болката на родителите, роднините, пријателите на починатитте кои и на оваа Задушница ќе раздаваат – чаши за вода, чинии, храна… Сè со цел починатите да не бидат жедни, да не бидат гладни, според верувањето на народот. Сè онака како што бара и налага празникот кој е длабоко всаден во македонската традиција…
Но, прашање е дали починатите, дали нивните семејствата со ваквото чествување ќе можат да ја задоволат најголемата жед што ја имаат во овој период – кон правдата и за утврдување на одговорноста за ужасната трагедија и незаконието што стои зад неа. Во изминативе три месеци семејствата постојано го бараат тоа преку саботните протестни прошетки. До вчера, не стигна информација дали ќе се одржи собирот „Маршот на ангелите“, што како реакција кон институционалното (не) постапување го организираат семејствата на загинатите и повредените со оглед на празникот оваа сабота.
На последниот марш, родителите кои ги прочитаа сите закони по кои треба да одговараат и актуелни функционери и полициски началници, побараа од обвинителството да ги следат доказите, без разлика до чија одговорност ќе ги доведат, нагласувајќи дека од првичните 73 осомничени, истрагата се затвори со 46. Семејствата на речиси секој протест реагираат на леснотијата со која судот ги пушта осомничените од притвор.
Еден од нив деновиве беше и поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување и актуелен министер без ресор Шабан Салиу, кој е опфатен во истрагата за пожарот во дискотеката. Тој на прес-конференција рече дека не се чувствува виновен за трагедијата за која наскоро се очекува обвинение.
„Апсолутно во тој поглед не чувствувам одговорност, верувам во нашата држава, верувам во институциите на системот, верувам во правосудните органи дека ќе си ги согледаат аргументите и сите останати посебни моменти од тој случај. Јас сум правник по вокација, јас сум доктор по политички правни науки, 18 години сум бил адвокат, сум работел по судовите, оставам на совеста на државата да оцени дали имам или немам вина. Лично со душа и со срце тврдам дека немам апсолутна вина во тој поглед. Истрагата си е секогаш потребна во одредени случаи ја почитувам максимално, се водам од општата правна иницијатива од општата пресумпција на невиност дека се додека не се докаже дека некој е виновен, додека некој не се осуди, значи е невин – изјави Салиу за медимите.
И откако пропадна и вториот обид да се одржи надзорна расправа во Парламентот за трагичната несреќа, во која загинаа 62 луѓе, а околу 200 останаа повредени, власта одржа трибина во владиниот прес-центар на која за досега направеното за Кочани зборуваа директорот на ФЗО, Сашо Клековски, директорот на СЗО, Ивица Томовски, и директорот на Црвен крст, Саит Саити.
Директорот на ФЗОМ, Клековски рече дека уште 12 повредени во дискотеката „Пулс“ и натаму се лекуваат во болница, а 7 од нив се во странство. Од повредените кои се во болници, еден е во тешка состојба. Од вкупно 187 повредени, 116 се лекувале во странство, а 71 во земјава. Клековски уверува дека здравството има капацитет да ги организира третманот и рехабилитацијата на повредените.
„Во болницата во Кочани ги има сите потребни помагала, има 46 доктори и 94 медициснки сестри, не е таа болница оставена, има и кадар и средства за работа со буџет од 249 милиони денари. Ситуацијата со лекарите кои се на боледување по несреќата се решава во од. Сè правиме во рамките на законот“, изјави Клековски
Владата исплатила 30 милиони денари како помош за покривање на транспортот на семејствата на повредените кои се лекуваа во странство, кажа директорот на СОЗР, Томовски. Преку Црвениот крст, пак, биле исплатени 1,7 милиони евра, половина за семејствата на загинатите, а другата половина за повредените во пожарот. Од движењето за помош на настраданите „Супорт Кочани“ објавија дека собрале и веќе донирале вкупно 600.000 евра, на кочанската болница за помагала и на смејствата.
И по речиси три месеци наместо дебата во парламентот, Владата се одлучи на трибина со неколкумина владини соговорници, обвинија од опозициската СДСМ.
„Клековски треба да се скрие од јавноста, болницата во Кочани сè уште нема ни основни медицински средства. Физикалната терапија се врши на донирани маси, а тој седи во Владата на трибина и кажува како помогнале. Државата не обезбеди ниту обични кремови за раните на повредените. Сè што има се донации од хумани луѓе, изјавија на прес-конференција од СДСМ.
Додека владејачкото мнозинство бара расветлување и на трагедии од пред неколку години, опозицијата критикува за селективна правда за пожарот во Кочани. Тие бараат одговор зошто со истрагата не се опфатени и актуелни функционери во МВР, меѓу кои и министерот Панче Тошковски, но и раководни лица во дел од институциите. (П.А.)