Разбиена меѓународна кибербанда: Краделе податоци, го уценувале целиот свет, украле 500 милиони долари

71

Меѓународните истражители открија и демонтираа криминална хакерска мрежа одговорна за речиси 200 напади со ransomware низ целиот свет. Властите ги идентификуваа и ги исклучија серверите на групата позната како Blacksuit и Royal, соопшти полицијата во германската покраина Долна Саксонија.

Елиминацијата на серверите ги попречи активностите на групата, вклучувајќи ја и дистрибуцијата на злонамерен софтвер, внатрешните комуникации и нивната интернет страница.

Официјалните лица евидентираат 184 оштетени страни ширум светот, со направена штета од над 500 милиони долари до август 2024 година.

Во координирана и долготрајна акција, истражителите обезбедија огромна количина информации за групата на крајот на јуни и се надеваат дека овој материјал ќе им помогне во идентификување на сторителите.

„Ова е силна порака до криминалците – сајбер криминалот нема да остане неказнет“, рече директорот на полицијата на Долна Саксонија, Торстен Масингер.

Полицијата ги повика сите жртви да ги пријават нападите за да се спречи понатамошно ширење на хакерската активност. Истрагата, исто така, откри дека групата користела тактика наречена „двојна уцена“ – не само што ги заклучувала податоците на жртвите, туку и ги крадела, заканувајќи се дека ќе ги објават доколку не се плати откуп.

ИЗДВОЕНИ